Пандемијата на коронавирус дава шанса за нов поредок во светската политика, сметаат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, како и други светски политичари.
„Светот ќе биде поинаков по пандемијата“, потенцираа Меркел и Макрон во текстот за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ).
Актуелната криза, според нив, дава можност да се врати консензусот за меѓународниот поредок преку ефективна соработка, солидарност и координација, како што додаваат, поредок што ќе се потпира на мултилатерализам и владеење на правото.
Покрај Меркел и Макрон, текстот го потпишаа и претседателот на Сенегал, Маки Сал, како и генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел.
„Кризата со Ковид-19 е најголемиот тест за светска солидарност“, подвлекуваат тие, додавајќи дека и само едно место во светот да е под влијание на овој вирус, сите луѓе и економии ширум светот се загрозени.
Од тоа, посочуваат тие, потребно е да се извлечат поуки за идните кризи.
– Наместо да ги користиме културата и вредностите едни против други, ние мора да градиме на повеќе интегративен мултилатерализам. Притоа, ние мора да обрнеме внимание на сите наши разлики, како и на нашите заеднички вредности кои се дел од Конвенцијата за човекови права – подвлечуваат светските претставници.
Тие посочуваат дека не е само пандемија која бара силен и меѓународно координиран одговор, наведувајќи ги натамошните предизвици како глад, екстремна сиромаштија, болести, економски шокови, конфликти и климатски промени како примери.
Тие повикаа на посилно залагање за демократија, образование и еднаквост, како и против национализмот и протекционизмот.