Мељник: Украина не тргува со територијата и суверенитетот, тие не се на продажба

Мељник: Украина не тргува со територијата и суверенитетот, тие не се на продажба

пред 2 часа

Постојаниот претставник на Украина во ОН, Андриј Мељник, денес изјави дека Украина не тргува со својата територија и суверенитет. Додавајќи дека Киев е подготвен да преземе конкретни чекори за враќање на сеопфатен, праведен и траен мир.

„Нашата територија и нашиот суверенитет не се на продажба. Ние не сме на божиќниот пазар. Ние не сме на озлогласениот „Черкиз Базар“.

Русија сака Украина да капитулира. Но, еве го мојот одговор, вие ќе добиете дупка во крофната, а не Украина“, рече Мељник, алудирајќи на претходната изјава на рускиот постојан претставник Василиј Небензја, кој оцени дека властите во Киев ја доведоа Украина во сиромаштија и ја претворија во преговарачки адут во геополитичкиот конфликт меѓу Западот и Русија, пренесува Укринформ.

Мељник истакна дека постои „опасност од пасивност“ и се осврна на претставата „Крај на играта“ од Семјуел Бекет.

„Бекет ни покажува дека вистинскиот крај не започнува со уништување, туку со неактивност“, рече тој.

Тој ги повика членовите на Советот за безбедност на ООН да дејствуваат храбро и решително. „Потребно е повеќе од реторика за да се заврши оваа ужасна војна. Потребна е храброст да се дејствува пред неактивноста да се претвори во соучество, пред историјата да одлучи дека веројатно овој Совет за безбедност завршил“, рече Мељник.

Небензја претходно изјави дека Соединетите Американски Држави „работат напорно на реални предлози за долгорочно и одржливо решение на украинскиот конфликт“.

„Може ли еден од иницијаторите на овој состанок јасно да објасни зошто Украинците се принудени да се борат против својата волја кога на маса има сосема реални предлози за долгорочно и одржливо решение на украинскиот конфликт, на кои нашите американски колеги напорно работат?“, рече Небензја.

Според него, Лондон, Париз, Берлин и другите европски престолнини се заинтересирани за продолжување на конфликтот во Украина, пренесува Танјуг.

„Всушност, и покрај сите напори на организаторите, нашиот денешен состанок само јасно го истакнува интересот на Лондон, Париз, Берлин и другите европски престолнини да ја продолжат војната до последниот Украинец“, рече рускиот претставник.

Фото: депозитфотос

Текстот Мељник: Украина не тргува со територијата и суверенитетот, тие не се на продажба е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top