Мировниците на ОН нема наскоро да бидат распоредени во Украина

пред 3 години

Тешко дека во блиска иднина ќе се постигне консензус за мировната мисија на Обединетите Нации во Украина, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во интервју за руските медиуми пред неговата посета на Москва.

„Постојат многу различни ставови во однос на мандатот и улогата што може да ја имаат мировните сили во Украина, така што би рекол дека не е веројатен консензус во блиска иднина“, посочи тој.

Во септември 2017 година, рускиот претседател Владимир Путин излезе со иницијатива за распоредување мисија на ОН на линијата на контакт во Донбас за да се осигура безбедноста на персоналот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) .

Путин подоцна рече дека таквата мисија може да се прошири и да ја опфати целата зона на конфликти, под услов самопрогласените републики во Донбас дa го одобрат ваквиот потег.

Украинските власти се обидоа да стават акцент на потребата од полноправна мировна мисија на ОН во регионот, која ќе дејствува како привремена администрација, за да може власта подоцна да биде пренесена во Киев.

Share
Scroll to Top