Министерството за надворешни работи на Русија денес објави дека долгорочните последици од агресијата на НАТО врз Југославија во 1999 година сè уште се чувствуваат.
„Воената операција на НАТО против суверена Југославија пред 27 години беше трагедија, чии долгорочни и повеќекратни последици се чувствуваат дури и денес“, објави Министерството за надворешни работи на Русија на Телеграм, во врска со годишнината од бомбардирањето.
Како што е наведено, во текот на 78 дена, Соединетите Американски Држави и нивните сојузници извршија ракетни и бомбашки напади врз населени места, вклучително и цивилна инфраструктура.
„Ниту еден претставник на НАТО не беше казнет. Жртвите на агресијата беа етикетирани како „колатерална штета“, крвава цена платена за геополитичките амбиции на САД, Велика Британија и нивните сателити“, се наведува во соопштението.
Москва оцени дека оваа агресија стана „трагична пресвртница во историјата на српскиот народ, катастрофален удар врз системот на меѓународното право и темелите на безбедноста во Европа воспоставени по Втората светска војна“.
„Фактот што НАТО користеше муниција со осиромашен ураниум доведе до контаминација на огромни области и невидено зголемување на бројот на случаи на рак, од кои луѓето сè уште страдаат денес.
Прашањето за одговорноста на северноатлантските сојузници за штетата што ја предизвикаа на меѓународните односи и на самата земја останува отворено“, се наведува во соопштението, пренесува Танјуг.
Текстот Москва: Нападот на НАТО врз Југославија беше катастрофален удар врз меѓународното право е превземен од МАКФАКС.






