Напад со нож во воз во Јапонија, повредени 17 луѓе

пред 3 години

Во напад во воз во Токио, кој денеска го изврши маж вооружен со нож, повредени се 17 луѓе, од кои тројца потешко.

Напаѓачот прво со нож ранил неколку патници, а потоа предизвикал пожар, поради што патниците скокнале од прозорците, соопшти полицијата. Тој е идентификуван како 20-годишен маж, а е уапсен на лице место. Тој е осомничен за обид за убиство, а мотивот се уште не е познат.

Очевидци рекле на полицијата дека напаѓачот носел светла облека и дека изгледал како лик од стрипови или некој што оди на прослава на Ноќта на вештерките.

Откако ги избодел патниците со нож, осомничениот истурил течност слична на масло и предизвикал пожар во кој изгорел дел од седиштата.

Денешниот инцидент е втор напад со нож на воз во Токио во последните два месеци.

Во август, ден пред затворањето на Олимписките игри во Токио, 36-годишен маж избоде десет патници во воз. Подоцна и рекол на полицијата дека сакал да нападне жени кои изгледале среќни.

Share
Scroll to Top