Научниците ѝ порачаа на ЕУ да се подготви за драстично зголемување на температурите

Научниците ѝ порачаа на ЕУ да се подготви за драстично зголемување на температурите

пред 3 часа

Европската унија мора да почне со изработка на конкретни планови за справување со животот на континент кој, поради климатските промени, ќе биде потопол за 4 Целзиусови степени, порачаа научните советници на блокот. Тоа би значело прифаќање дека светот е на пат кон катастрофално зголемување на температурата, кое значително ќе ги надмине целите договорени со Парискиот климатски договор и масовно ќе го наруши животот на Европејците, пишува „Политико“.

„Европската клима брзо се менува. Тоа не е далечен или апстрактен ризик“, изјави ОТмар Еденхофер, претседател на Европски научен советодавен одбор за климатски промени.

Како што планетата се затоплува, екстремните временски појави како поплави и суши претставуваат сѐ поголема закана за европското општество, економијата и екосистемите. Во последните години десетици илјади Европејци починаа за време на топлотни бранови. Но, напорите на ЕУ да се подготви за сегашните и идните последици од глобалното затоплување се недоволни и фрагментирани и им недостига кохерентна визија, предупреди Еденхофер.

„На Европската унија ѝ недостасува заедничко разбирање за што колективно треба да се подготви, што доведува до недоследни процени на климатските ризици кои често го поткопуваат управувањето со ризиците“, рече тој.

Според мислењето на одборот, блокот треба да се заштити под претпоставка дека континентот до 2100 година ќе биде за 4 Целзиусови степени потопол отколку во прединдустрискиот период. Советот го одразува неодамнешниот план на француската влада да се подготви за Франција потопла за 4°C.

Покрај воспоставувањето заедничка почетна точка за подготовките, одборот препорачува уште четири мерки за Европа да стане поотпорна на климатските промени – од поставување обврзувачки цели за подготовка, до предлог ЕУ да го планира својот буџет околу климатските ризици.

Советите на одборот, независен конзорциум од високи научници задолжен со закон на ЕУ да дава насоки за климатската политика, често се покажуваат како влијателни. Неговиот извештај од 2023 година, кој препорача цел за намалување на емисиите од најмалку 90 проценти до 2040 година, одигра голема улога во поттикнување на институциите на блокот да ја усвојат таа бројка како своја цел.

„Нашите препораки се насочени кон претстојното законодавство“, рече Еденхофер.

Научниците наведуваат дека сушите во јужна Европа ќе стануваат почести и поинтензивни како што глобалните температури ќе продолжат да растат – според Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), повеќе од една третина од населението во регионот ќе се соочи со недостиг од вода при 2°C глобално затоплување, додека 3°C го удвојува тој удел. Ограничувањето на затоплувањето го ограничува и овој ризик.

За да се справат со преостанатиот ризик, земјите можат да воведат мерки за адаптација – како поттикнување на земјоделците да преминат на култури поотпорни на суша или управување со потрошувачката на вода. Колку затоплувањето е поголемо, толку е поголема опасноста од тоа одредени региони и економски сектори повеќе да не можат да се прилагодат.

Во моментов, ЕУ располага само со нејасна стратегија за адаптација од 2021 година. Повеќето земји членки имаат национални планови за адаптација или закони со релевантни елементи, но и Европската агенција за животна средина и Европскиот суд на ревизори предупредија дека законодавството значително се разликува низ блокот и дека некои стратегии се темелат на застарени научни сознанија.

Тоа не е доволно, смета советодавниот одбор. Меѓу петте препораки, научниците бараат ЕУ да развие кохерентна визија со „секторски специфични цели за адаптација, на пример за 2030 и 2040 година“, како и да најде начини за управување со растечките економски трошоци од климатските катастрофи, на пример преку буџетски и осигурителни механизми.

Тоа мора да се темели на заедничко референтно сценарио, велат научниците, препорачувајќи ЕУ да се подготви за глобално затоплување меѓу 2,8°C и 3,3°C над прединдустриските нивоа – што е во согласност со проекциите кои „имплицираат околу 4°C затоплување за Европа“, рече Еденхофер.

„Начелото на претпазливост“ бара од ЕУ да се подготви за тоа сценарио и исто така да ја „тестира отпорноста“ на своето планирање и на уште повисоки сценарија на затоплување, додаде Еденхофер, со оглед на неизвесностите околу глобалните напори за намалување на емисиите.

Текстот Научниците ѝ порачаа на ЕУ да се подготви за драстично зголемување на температурите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top