Наѕира крајот на пандемијата, следуваат уште три тешки месеци, велат од СЗО

пред 2 години

Специјалниот пратеник на Светската здравствена организација (СЗО) за Ковид-19, Дејвид Набаро, изјави дека епидемијата на коронавирусот ќе создаде многу тешка ситуација во следните три месеци, „но може да се каже дека и’ се гледа крајот“.

Во интервју за „Скај њуз“, Набаро изрази стравување дека сме принудени на маратон со вирусот и оти не постои правилен начин да се каже дека сме на крајот, туку само дека се гледа крајот.

„Сè уште не сме стигнале до таа точка, а пред да дојдеме до неа, ќе има уште потешкотии“, рече Набаро, пренесува лондонскиот весник „Гардијан“.

Експертот на СЗО потврди дека коронавирусот продолжува да се развива и најави појава на нови соеви и по омикрон.

„Ќе биде тешко барем во следните три месеци“, рече Набаро и потсети дека коронавирусот почнува драматично да се шири, потоа се намалува, за потоа повторно да се шири периодично на секои три или четири месеци.

Тој заклучи дека, сепак, тешко е да се предвиди идното однесување на вирусот врз основа на минатото.

Share
Scroll to Top