Фестивалот за електронска музика „Веркнипт“ во Утрехт, Холандија, според австриските медиуми, е во фокусот, иако на него можеа да влезат само оние со ковид сертификат.
Услов за влез на фестивалот, кој се одржа на првиот викенд во јули, беше, вакцинација, негативен ПЦР тест или лица со прележан коронавирус. Сепак, според извештаите скоро илјада гости на фестивалот биле заразени со коронавирус, а тој број има тенденција да расте, пишува Шпигел.
Настанот привлекуваше 10.000 луѓе на ден.
Според локалната здравствена служба, на првиот ден од фестивалот, 3 јули, биле заразени 448 посетители. На вториот ден, наводно, биле регистрирани 516 случаи со коронавирус. Портпаролката на службата, Лидија ван дер Меер очекува дека бројот на инфекции може да продолжи да расте во наредните денови.
„Но, се надеваме дека сега сме на врвот“, изјави таа за медиумите.
Според здравствените служби, организаторите на фестивалот се придржувале на валидните мерки, што дополнително загрижува бидејќи се покажува дека и покрај мерките ширењето на коронавирусот не запира.
Тамошните медиуми потсетуваат дека холандскиот премиер пред два дена се извини за олеснувањето на мерките за кои тврдеше дека се погрешни и предвремени.