Лидерите на Европската унија нема да се договорат за воведување нови санкции кон Русија за време на дводневниот самит што почнува, изјави холандскиот премиер Марк Руте.
„Не очекувам конкретни нови санкции денеска“, рече Руте по пристигнувањето на состанокот на 27 лидери на европскиот блок, пренесе Ројтерс.
– Не можеме да размислуваме за санкции со толку голема група, ни требаат предлози. Веќе воведовме многу санкции, сега влегуваме во покомплексен терен – истакна Руте.
Луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел изјави дека треба да се воведат нови санкции на ЕУ против Русија поради нападот врз Украина како реакција на новиот развој на кризата, што, според него, во моментов не е случај.