Најмалку 42 мигранти се водат за исчезнати и се верува дека се удавиле кога гумен чамец се превртел кај либиското крајбрежје, соопшти Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
Спасени се седум лица што шест дена пловеле по морето по потонувањето на чамецот со вкупно 49 лица во близина на нафтното поле Ал Бури, северозападно од либискиот брег.
Според ИОМ, мигрантите потекнуваат од Судан, Нигерија, Камерун и од Сомалија.
Од падот на режимот на Моамер Гадафи во 2011 година, Либија е клучна транзитна точка за мигранти, кои преку Средоземното Море се обидуваат да стигнат до Европа.
Оваа година во централниот дел на Средоземното Море веќе се удавиле повеќе од 1.000 мигранти, а најновата несреќа дополнително го зголеми овој број, соопшти ИОМ.
Организацијата потсети и на други смртоносни инциденти во последните недели кај Сурман и Лампедуза, како и на случајот во октомври кога западно од Триполи биле пронајдени телата на 61 мигрант.
Текстот Несреќа на брегот кај Либија: 42 мигранти се водат за исчезнати, стравувањата се дека се удавиле е превземен од МАКФАКС.




