Поранешниот израелски премиер, Нафтали Бенет, се придружи на растечката опозиција во критикувањето на владата поради примирјето со Иран. Тој рече дека премиерот Бенјамин Нетанјаху не успеал да ги постигне целите на војната и дека како резултат на тоа, „Израел ќе се соочи со одмаздољубив Иран“, кој ќе биде уште порешителен да развие нуклеарно оружје.
„Причината зошто толку многу луѓе се чувствуваат разочарани е тоа што раководството ни продаде илузии. Сите нивни празни ветувања ни експлодираа пред лицето. За жал, секој од нас може да види со свои очи дека Хамас станува посилен. Хезболах и Иран стојат на свои нозе, а ова се случува затоа што влада што го уништува Израел одвнатре не може да го победи непријателот однадвор“, тврди тој.
Бенет додаде дека со години, со одложување на дејствувањето против Иран, Хезболах и Хамас, владата им дозволила „да пораснат до монструозни размери“. Тој повика на формирање национална истражна комисија и итно воведување задолжителна воена служба за ултраортодоксните Евреи.
Бенет беше израелски премиер од 2021 до 2022 година. Пред да влезе во политиката, тој беше претприемач во технолошкиот сектор и е политички десничар и познат по својот цврст став за безбедносните прашања и Иран.
фото/ЕПА
Текстот Нетанјаху не успеа да ги постигне целите на војната, смета поранешниот премиер на Израел е превземен од МАКФАКС.




