Членките на Северноатлантската алијанса го нарекоа влезот на Украина во НАТО неповратен и ја потврдија својата поддршка за Киев на патот на евроатлантските интеграции, се вели во декларацијата на самитот на НАТО во Вашингтон, усвоена во средата.
„Додека Украина ги продолжува своите витални напори, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатлантска интеграција, вклучително и членство во НАТО“, се наведува во документот објавен на веб-страницата на НАТО.
Во исто време, се посочува дека Украина треба самата да избере, без надворешно мешање, како да ја обезбеди сопствената безбедност.
„Иднината на Украина е во НАТО. Украина станува се покомпатибилна и политички интегрирана со Алијансата“, се наведува во декларацијата.
Земјите на НАТО го поздравуваат конкретниот напредок што Украина го постигнала од самитот во Вилнус во неопходните демократски, економски и безбедносни реформи.
„Уште еднаш потврдуваме дека ќе можеме да ја поканиме Украина да влезе во Алијансата кога земјите-членки ќе се договорат и ќе ги исполнат условите“, се наведува во документот.
Оваа одлука, како и состанокот на Советот Украина-НАТО, кој треба да се одржи денеска, во комбинација со досегашните напори на членките на Алијансата, „е мост за членството на Украина во НАТО“.
Како што изјавија членките на Алијансата, тие ќе продолжат да го поддржуваат напредокот на Украина во однос на интероперабилноста, како и во воведувањето реформи во сферата на демократијата и безбедносниот сектор.
Руската инвазија на Украина го наруши мирот и стабилноста во евроатлантскиот регион и сериозно ја поткопа глобалната безбедност, се наведува во документот, истакнувајќи дека „Русија останува најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците“.
„Ја потврдуваме нашата непоколеблива солидарност со народот на Украина во херојската одбрана на нивната нација, нивната земја и нашите заеднички вредности. Силна, независна и демократска Украина е од витално значење за безбедноста и стабилноста на евроатлантската област. Борбата на Украина за нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет во рамките на нејзините меѓународно признати граници директно придонесува за евроатлантската безбеднос. Ги поздравуваме најавите на сојузниците да и обезбедат на Украина клучни дополнителни системи за воздушна одбрана, како и други воени капацитети“, се вели во соопштението на НАТО.
Членките на НАТО го потврдија ветувањето за долгорочна помош за Украина за обезбедување воена опрема и градење сили способни да ја поразат руската агресија.
Преку пропорционалните придонеси, сојузниците имаат намера да обезбедат минимално основно финансирање од 40 милијарди евра во наредната година и да обезбедат одржливо ниво на безбедносна помош за Украина.
Покрај воената поддршка опфатена со ова ветување, сојузниците имаат намера да продолжат да обезбедуваат политичка, економска, финансиска и хуманитарна поддршка за Украина.
„Тероризмот, во сите негови форми и манифестации, е најдиректната асиметрична закана за безбедноста на нашите граѓани и за меѓународниот мир и просперитет. Заканите со кои се соочуваме се глобални и меѓусебно поврзани“, се наведува во декларацијата.
Во документот се поздравува одлуката на генералниот секретар, Јенс Столтенберг, да назначи висок претставник на НАТО во Украина.
Исто така, се истакнува дека Русија сноси единствена одговорност за „војната за агресија против Украина“, што е јасно кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН.
„Не може да има неказнивост за воените злосторства и други прекршувања на меѓународното право. Русија е одговорна за смртта на илјадници цивили и предизвика голема штета на цивилната инфраструктура. Ние најостро ги осудуваме ужасните напади на Русија врз украинскиот народ, вклучително и нападот врз болниците во Киев на 8 јули. Русија мора веднаш да ја прекине оваа војна и целосно и безусловно да ги повлече сите свои трупи од Украина во согласност со резолуциите на Генералното собрание на ОН“, се предупредува во декларацијата на НАТО.
Членките на НАТО нагласуваат дека никогаш нема да ги признаат руските „незаконски анексии на украинска територија, вклучувајќи го и Крим“.
Исто така, ја повикуваат Русија да ги повлече сите свои сили од Република Молдавија и Грузија, кои се стационирани таму без нивна согласност, се вели во декларацијата.
Се додава дека НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија, а членките на Алијансата се уште се подготвени да одржуваат канали за комуникација со Москва со цел, како што се наведува, да се ублажи ризикот и да се спречи ескалација.
НАТО ги повикува сите земји да не даваат никаква помош за руската агресија и со тоа да ја продолжат руската војна во Украина.
За Белорусија, Кина, Иран и Северна Кореја
„Белорусија продолжува да ја овозможува оваа војна со ставање на располагање на својата територија и инфраструктура. Продлабочувањето на руската политичка и воена интеграција со Белорусија, вклучително и распоредувањето на напредни руски воени капацитети и персонал, има негативни импликации за регионалната стабилност и одбраната на Алијансата“, стои во декларацијата.
Забележано е дека Северна Кореја (КДРК) и Иран ја охрабруваат руската агресивна војна против Украина давајќи и директна воена поддршка на Русија, како што се муниција и беспилотни летала (UAV), што, како што се истакнува, сериозно влијае на евроатлантската безбедност.
„Силно го осудуваме извозот на артилериски гранати и балистички ракети од КНДР, што е во спротивност со бројните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, и со голема загриженост го забележуваме продлабочувањето на врските меѓу Северна Кореја и Русија. Секој трансфер на балистички ракети и поврзана технологија од страна на Иран кон Русија би претставувало значајна ескалација“, се наведува во декларацијата на НАТО.
Се додава дека Кина, исто така, стана одлучувачки двигател на руската војна против Украина преку нејзината голема поддршка за руската одбранбена индустриска база.
„Продлабоченото стратешко партнерство меѓу Русија и Народна Република Кина и нивните меѓусебно засилувачки обиди да го поткопаат и преобликуваат меѓународниот поредок заснован на правила се причина за длабока загриженост. Соочени сме со хибридни, сајбер, вселенски и други закани и злонамерни активности од државни и недржавни актери“, се истакнува во документот.
Борбата против тероризмот останува клучна за колективната одбрана на НАТО.
„Ние ќе продолжиме да се спротивставуваме, одвраќаме, браниме и одговараме на заканите и предизвиците што ги претставуваат терористите и терористичките организации врз основа на комбинација на мерки за превенција, заштита и негирање со одлучност, решителност и солидарност“, се вели во соопштението.
Се наведува и дека конфликтот и нестабилноста во Африка и на Блискиот Исток, како и дестабилизирачките дејствија на Иран директно влијаат на безбедноста на членките на НАТО и нивните сојузници.
Во декларацијата се наведува дека, по повод 75-годишнината, НАТО ќе преземе натамошни чекори за зајакнување на одвраќањето и одбраната и ја потврдува постојаната посветеност за целосно спроведување на ветувањето за одбранбени инвестиции од најмалку два отсто од БДП годишно, како што е договорено во Вилнус.
Столтенберг: Прашање на време е кога Украина ќе влезе во НАТО
Прашањето за членството на Украина не е прашање дали тоа ќе се случи, туку кога, изјави синоќа на самитот генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Додека Украина продолжува со клучните реформи, ние ќе продолжиме да ги поддржуваме на нивниот неповратен пат кон НАТО. Работата што ја работиме заедно ќе обезбеди дека, кога ќе биде вистинското време, Украина може да се приклучи без одлагање. Значи, не е прашање дали, туку кога. Во овој опасен свет пријателите и партнерите се поважни од кога и да било“, изјави Столтенберг, пренесе „Гардијан“.
Тој оцени дека, според меѓународното право, Украина има право на самоодбрана од Русија.
„Им помагаме да го остварат своето право, снабдувајќи ги со оружје, муниција, ракети. Правото на самоодбрана вклучува пукање кон легитимните воени цели на агресорот Русија“, нагласи Столтенберг.
Пелегрини: Словачка го поддржува членството на Украина во НАТО, но по завршувањето на војната
Словачка го поддржува членството на Украина во НАТО, но само по завршувањето на војната и под услов Киев да ги исполни потребните услови, изјави претседателот на Словачка, Петер Пелегрини.
„Словачка максимално ги поддржува интеграциските напори на Украина… и ќе го сподели сето свое знаење во реформите, но од друга страна, инсистираме на текстот во кој се вели дека прашањето за идното членство во НАТО може да се отвори само кога ќе има мир во Украина и нема воен конфликт, кога ќе се исполнат сите услови… и кога на тоа ќе се согласат сите членки на Алијансата“, изјави Пелегрини пред почетокот на состанокот на лидерите на НАТО во Вашингтон, пренесува Укринформ.
Пелегрини нагласи дека во овој момент е рано и невозможно да се зборува за членство на Киев во НАТО, со оглед на ситуацијата, бидејќи, според него, тоа е „се уште многу далечна цел“.
Тој го нарече овој пристап многу прагматичен и реален.
Според него, ако Украина падне, тоа би било многу непријатна ситуација за целото источно крило на НАТО.
Дуда: НАТО ја поддржува Украина, но не сака да војува со Русија
Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави вчера во Вашингтон, пред почетокот на состанокот на Евроатлантскиот совет, дека НАТО ја поддржува Украина, но дека не сака да војува со Русија.
Дуда рече дека Украина треба да стане членка на НАТО по завршувањето на војната бидејќи Алијансата не сака да биде вовлечена во војна со Русија.
Дуда посочи дека се разговара само за моментот кога Украина ќе биде примена во НАТО, а не дали воопшто ќе биде примена, пренесе Европска правда.
„Денеска има само еден проблем на овој пат, а тоа е дека војната мора да заврши, бидејќи Украина мора да биде примена во НАТО врз основа на полноправно членство“, рече Дуда.
Според него, тоа подразбира автоматска примена на членот пет и вклучување на НАТО во војната доколку биде нападната една членка на Алијансата.
Дуда изрази надеж дека Украина ќе биде официјално поканета во НАТО на следниот самит во Хаг.
За Западен Балкан
Членките на НАТО во заедничкото соопштение од самитот одржан во Вашингтон истакнаа дека регионите на Западен Балкан и Црното Море се од стратешко значење за Алијансата и дека НАТО останува силно посветен на нивната безбедност и стабилност.
„Ќе продолжиме да го унапредуваме нашиот политички дијалог и практична соработка со Западен Балкан со цел да ги поддржиме реформите, регионалниот мир и безбедност и да се спротивставиме на злонамерното влијание, вклучително и дезинформации, хибридни и сајбер закани, поставени од државни и недржавни актери“, се нагласува во декларацијата.
Како што се додава, демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи се од витално значење за регионалната соработка и евроатлантските интеграции, поради што НАТО очекува континуиран напредок на овој план.
„Остануваме посветени на континуираниот ангажман на НАТО на Западен Балкан. НАТО ги поддржува евроатлантските аспирации на заинтересираните земји во овој регион“, се наведува во декларацијата.
Текстот Не е прашање дали, туку кога Украина ќе влезе во НАТО – на Самитот на Алијансата потврдена поддршката за Киев е превземен од МАКФАКС.