Нова рунда преговори меѓу Украина и Русија, Киев се залага за претседателска средба

пред 2 години

Претставниците на Киев за време на денешните разговори со московската делегација мора да вложат максимални напори да организираат средба меѓу лидерите на Украина и Русија, изјави украинскиот претседател Зеленски.

„Претставниците на делегациите на нашите земји, секојдневно комуницираат во видео формат. Нашата делегација има јасна задача: да направи се што е можно за да одржи состанок на претседателите, состанок кој сигурен сум дека луѓето го чекаат. Разбравме дека ова  е тежок, но неопходен пат. И нашата цел во оваа борба, во оваа тешка преговарачка работа, е Украина да го добие потребниот резултат, кој е неопходен за нас, за мир, за безбедност“, рече тој.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави за ТАСС дека дијалогот меѓу претставниците на Москва и Киев ќе продолжи денеска преку видео врска. Подоцна, еден од членовите на украинската делегација, лидерот на парламентарната фракција на владејачката партија Слуга на народот, Давид Арахамија, најави дека разговорите ќе започнат во 10:30 часот, без да ја прецизира временската зона.

На 10 март, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се состана со својот украински колега Дмитриј Кулеба во турскиот град Анталија. Шефот на руската дипломатија по средбата изјави дека рускиот претседател Владимир Путин никогаш не се откажал од контактите, но тие не треба да бидат само цел, туку начин за постигнување конкретни договори.

Share
Scroll to Top