Израелскиот министер Гвир: „Запирањето на војната е еднакво на кршење на владата“

Нови напади во Газа и притисок за прекин на огнот и ослободување на уште заложници

пред 1 година

Израел почна нови напади врз цели во Појасот Газа во услови на зголемен притисок да обезбеди ослободување на заложниците земени од радикалното движење Хамас  на 7 октомври. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека сака да ја продолжи воената офанзива и покрај објавата дека дел од заложниците по грешка биле убиени од израелската армија.

Најмалку 12 лица загинаа во израелски воздушни напади во централниот дел на Појасот Газа, соопшти палестинското Министерство за здравство. Очевидци пријавија артилериско гранатирање во населбите во близина на Кан Јунис во јужниот дел на енклавата.

Израелската армија објави дека пронашла оружје и уапсила околу 80 членови на Хамас во делот на болницата во северниот дел на појасот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека воениот притисок врз Хама мора да продолжи и покрај шокот што го предизвика во Израел смртта на тројца заложници по грешка убиени од израелски војници.

„Нивната смрт ми го скрши срцето. Таа го скрши срцето на целата нација“, рече премиерот, но нагласи: „Водиме војна за нашата егзистенција и мора да продолжиме да победуваме, и покрај меѓународниот притисок и неподносливата цена што ја плаќаме со загубата на нашите синови и ќерки“.

Илјадници луѓе се собраа на протест во Тел Авив барајќи владата да му понуди на Хамас нов договор за прекин на огнот за ослободување на преостанатите повеќе од 100 заложници.

Хамас претходно денес објави дека нема да има нова размена на затвореници и заложници додека Израел целосно не го прекине огнот во Газа.

Текстот Нови напади во Газа и притисок за прекин на огнот и ослободување на уште заложници е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top