Новогодишна ноќ на „Тајмс Сквер“ само за вакцинираните

пред 3 години

Њујорк ќе им дозволи на граѓаните да се соберат на „Тајмс Сквер“ за дочекот на Новата 2022 година, најави градоначалникот Бил де Блазио, откако минатогодишниот пречек беше скромен поради пандемијата.

Стотици илјади луѓе ќе можат да присуствуваат на традиционалното спуштање на светлата топка доколку докажат дека се целосно вакцинирани против коронавирусот, изјави Де Блазио за новинарите.

Луѓето кои не можат да се вакцинираат од медицински причини ќе мора да покажат негативен тест за Ковид-19 не постар од 72 часа пред настанот, објавија тамошните медиуми.

„Сакаме да бидеме одлични, да бидеме полни со живот, сакаме тоа да биде голема прослава на Новата година“, изјави Де Блазио.

„Тајмс Сквер“ беше речиси празен на почетокот на 2021 година, а само работниците од основните служби и поканетите гости можеа да го следат спуштањето на топката, притоа почитувајќи ја физичката дистанца.

Share
Scroll to Top