Норвешкиот премиер, Јонас Гар Стере, изјави дека не очекува рускиот претседател, Владимир Путин, да го промени својот став за војната во Украина по вчерашниот телефонски разговор, во кој учествувал и финскиот претседател Александар Стуб.
Разговорот траел 90 минути, а целта била Путин да ги слушне и европските ставови за војната, а не само американските. Контактот со Кремљ предизвика критики кај дел од европските сојузници, меѓу кои и данската премиерка Мете Фредериксен.
„Не мислам дека Путин ќе го промени мислењето, но доби можност многу јасно да го слушне нашиот став. Загрижен сум дека некои од тие пораки не стигнуваат до него кога со него разговараат Американците“, изјави Стере за норвешкиот јавен сервис НРК.
Тој нагласи дека Норвешка се залага за намалување на тензиите, вклучително и прекин на нападите врз енергетската инфраструктура во Русија и Украина, запирање на нападите врз бродовите што превезуваат украинско жито и размена на воени заробеници.
Говорејќи за можноста за мировен договор, Стере истакна дека Украина никогаш нема да потпише спогодба со која ќе признае губење територија, но дека останува прашањето дали може да ја прифати сегашната линија на фронтот како појдовна точка за преговори.
Разговорот се одржал во пресрет на очекуваните директни преговори меѓу украинските и руските претставници, кои треба да се одржат следниот месец во Абу Даби.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека разговорот не донел ништо ново во врска со војната во Украина и ги обвини европските земји дека сакаат да си обезбедат место во преговорите.
Текстот Норвешкиот премиер по разговорот со Путин: Не верувам дека ќе го промени мислењето е превземен од МАКФАКС.




