Од вечерва Турција под целосен карантин

пред 3 години

Во Турција вечерва започнува првата целосна блокада. Граѓаните се подготвуваат за строгите мерки; улиците се преполни, има навалица во трговските центри и голем метеж во сообраќајот.

Некои побрзале до главната автобуска станица за да го напуштат Истанбул, додека други се обиделе да складираат алкохол поради веста за делумна забрана за купување на такви производи.

Во истиот период минатата година, Турција беше пример за успешна приказна во борбата против пандемијата. Таа дури беше пофалена од Светската здравствена организација. Но, една година подоцна, земјата се најде меѓу најпогодените од коронавирусот, со најголема стапка на зараза во Европа.

Турските власти остануваат горди на релативно нискиот вкупен број на смртни случаи (околу 39.000) и веруваат дека пандемијата, благодарение на силниот здравствен систем на земјата, сè уште е под контрола. Но, големиот пораст на бројот на случаи е загрижувачки.

Минатиот ноември, Турција воведе втор сет на ограничувачки мерки, а во средината на февруари бројот на дневни случаи се намали на околу 6.000. Но, штом владата започна да ги олеснува мерките во март, нов бран ја погоди Турција.

Властите затоа воведоа нови мерки на почетокот на април, но тоа веќе не беше доволно за да се запре ширењето на инфекцијата. Во екот на овој бран во април, имаше повеќе од 60.000 нови инфекции на ден и повеќе од 300 смртни случаи.

Експертите сметаат дека турските власти ги укинаа ограничувачките мерки прерано и дека не ја спроведоа програмата за вакцинација доволно брзо.

Досега повеќе од 22 милиони луѓе се вакцинирани во Турција, која има околу 82 милиони жители. Турција најмногу ја користеше кинеската вакцина „синовак“, но и некои дози од вакцината на „Фајзер“ и рускиот „спутник“.

Share
Scroll to Top