Од Ковид-19 секој ден умира по еден лекар во Боливија

пред 3 години

Боливиските лекари бараат владата да воведе строго затворање на земјата и се закануваат дека ќе престанат да примаат нови пациенти, бидејќи има нагло зголемување на случаите на Ковид-19, при што просечно умира по еден лекар на ден, а здравствениот систем е пред пукање, пренесува „Ројтерс“.

Бројот на нови дневни случаи на коронавирус во Боливија, која вчера ја прими првата серија руски вакцини „спутник V“, достигна рекорд од 2.866 оваа недела, а бројот на смртни случаи поврзани со Ковид-19 се искачи на над 10.000.

Агенцијата известува дека во моментов има голема навалица пред и во болниците во боливиските градови, а натписите на вратите и sидовите ги предупредуваат сите дека нема место за нови пациенти.

„Со ваков брз развој на настаните ќе дојде до целосен колапс, ќе имаме пациенти кои умираат на улица, а медицинскиот персонал нема да може да им помогне“, изјави Рикардо Ландивар, директор на медицинскиот факултет Ла Паз, наведува агенцијата.

„Ројтерс“ исто така известува дека синдикатите на здравствените работници и лекарите бараат од претседателот Луис Арсе да запре сè додека не помине сегашниот бран на Ковид-19, но владата се двоуми дали да преземе строги мерки за да не дојде до понатамошно нарушување на и онака лошата економска состојба во земјата и се надева дека пристигнувањето на руската вакцина ќе им помогне на Боливијците да дишат полесно.

Сепак, лидерите на медицинските синдикати укажуваат на високата стапка на инфекција и морталитет, потврдено е дека во земја со 11,5 милиони жители досега се разболеле 210 000 лица и велат дека секој ден умира по  еден лекар или здравствен работник.

„Лекарите умираат од ден на ден“, изјави за агенцијата Патриша Алманза, лекар во болницата „Петролеро“ во Ла Паз.

Share
Scroll to Top