Во Соединетите Американски Држави, 99,2 проценти од починатите, како последица на коронавирусот се невакцинирани лица, изјави главниот американски експерт за заразни болести, д-р Ентони Фаучи. Фаучи изјави дека тоа е тажно и трагично и додаде дека фрустрира помислата да се има таков страшен непријател како што е коронавирусот кога постојат ефективни начини за заштита на луѓето.
Причините за недоверба на граѓаните на САД, рече Фаучи, се засноваат главно на идеологијата и ненаучните факти.
Тој изјави дека Америка има алатки за сузбивање на заразата и ги повика луѓето да ги остават разликите настрана и да разберат дека коронавирусот е заеднички непријател.
“САД се многу среќни што имаат доволно вакцини за да се имунизираат сите граѓани. И има луѓе во светот кои би дале се за да добијат вакцини”, додаде Фаучи.
Соединетите Американски Држави се земја со најголем број смртни случаи од Ковид-19 во светот, а повеќе од 605.000 луѓе починале од почетокот на епидемијата.