(Од минута во минута) Експлозии во Киев, погодени згради и куќи, продолжуваат преговорите

пред 3 години

Денеска е 20-ти ден од руската инвазија на Украина. Вчера се одржа последната, четврта рунда мировни преговори, за кои украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека поминале „прилично добро“. Во Турција денеска ќе се одржи нова рунда разговори, најави тој.

Клучни настани

Во Киев утрово се слушнале силни експлозии. Погодени се згради, куќа, метро станица… Има загинати
Продолжуваат преговорите меѓу Русија и Украина
Американските извештаи тврдат дека Русија побарала воена помош од Кина. Кина ги негира обвинувањата, а САД се закануваат со економски последици
Русија продолжува да ги бомбардира украинските градови, а нападнат е и блок во Киев
Конвој од 160 автомобили тргна од Мариупол. Ова е прв успешен обид да се организира хуманитарен коридор од тој украински град

Од минута во минута:

9.05 (Видео) Силни експлозии одекнаа утрово во Киев

Од утрово во Киев одекнуваат експлозии.

Според украинските медиуми, погодена е станбена зграда, а повредено е едно лице.

Пожарот избувнал на првите пет ката од 10-катница, нема загинати но има едно лице повредено и итно пренесено во болница, соопштија украинските служби.

8:55 САД ѝ се заканија на Кина: Ќе бидете изолирани ако ѝ помогнете на Русија

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан ја предупреди Кина дека ќе биде изолирана доколку ја поддржи Русија во нејзината агресија против Украина.

Тој му рекол на високиот кинески дипломат Јанг Џичи дека Пекинг може да се соочи со економски казни и глобална изолација доколку и помогне на Русија, објави „Ројтерс“.

8:48 Хаг утре ќе донесе пресуда за тужбата на Украина против Русија

Меѓународниот суд на правдата во Хаг соопшти дека утре ќе донесе пресуда за тужбата на Украина против Русија, пренесува „Ројтерс“.

На сослушувањата пред судот на ОН во Хаг се појави само украинската делегација, додека руската страна одлучи да не присуствува на седниците.

8:37 Цените на нафтата паѓаат втор ден по ред

Цените на нафтата утрово дополнително паднаа, додека пред една недела беа над 130 долари за барел. Утрово цената на барелот на лондонскиот пазар потона за 4,05 отсто, на 102,60 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 4,10 отсто, на 98,80 долари.

8:33 Украина: Евакуирани повеќе од 4.000 луѓе

Украина вчера успеа да евакуира повеќе од 4.000 луѓе од градовите од првите борбени линии, изјави заменик-премиерката на Украина, Ирина Верешук.

Таа во видео изјава рече дека се евакуирани преку седум хуманитарни коридори, пренесе „Ројтерс“.

8:30 Киев: Мировен договор најрано за една недела

Олексиј Арестович, советник на шефот на кабинетот на Владимир Зеленски, рече дека мировниот договор меѓу Русија и Украина може да биде постигнат најрано за една до две недели, а најдоцна во мај.

„ Мислам дека треба да постигнеме мировен договор најдоцна до мај, а можеби и многу побрзо“, рече Арестович, пренесе РИА Новости.

8:27 Властите на Запорожје: Киднапираниот градоначалник е приведен во Луганск

Градоначалникот на Мелитопол, Иван Федоров, за кого украинската страна тврди дека бил киднапиран од руските сили, најверојатно бил однесен во Луганск, каде го држи руската армија, соопшти синоќа регионалната воена управа на Запорожје.

„ Според достапните информации, киднапираниот градоначалник на Мелитопол, Иван Федоров, е задржан од рускиот окупатор во Луганск, каде е обвинет за тероризам“, се вели во соопштението, пренесе Укринформ.

8:20 Повреден репортер на „Фокс њуз“

Репортер на „Фокс њуз“, Бенџамин Хол, синоќа беше повреден додека известуваше од околината на Киев. Тој е хоспитализиран, објави американската медиумска куќа.

Хол работи како дописник од Вашингтон и го покрива американскиот Стејт департмент за „Фокс њуз“, каде што работи од 2015 година.

Share
Scroll to Top