Бројот на руски војници на украинската граница се зголемува, а можниот напад е сè поизвесен, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, по средбата со британскиот премиер Борис Џонсон во Брисел.
„Ова се опасни времиња за европската безбедност“, рече Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција.
„Бројот на руски војници се зголемува. Можен напад станува сè поизвесен“, предупреди тој.
„НАТО не е закана за Русија, но мора да бидеме подготвени на најлошото, додека веруваме во политичко решение“, нагласи Столтенберг.
Тој рече и дека Русија мора да избере помеѓу дипломатско решение на кризата од една страна или санкции и зголемено присуство на силите на НАТО на источното крило.
„Русија има избор: тие можат да изберат дипломатско решение, а ние сме подготвени да седнеме на маса, но ако изберат конфронтација, ќе платат висока цена“, рече Јенс Столтенберг.
„Ќе има економски санкции. Ќе има зголемено воено присуство на НАТО во источниот дел на Алијансата, а Велика Британија е важен дел од тоа“, додаде тој.
Британскиот премиер Џонсон кажа дека украинската криза е најопасниот момент и дека е важно да се повлечат правилни потези во наредните денови.
„Искрено, не верувам дека веќе е донесена одлука (во Москва). Но, тоа не значи дека е невозможно нешто навистина катастрофално да се случи многу брзо“, рече Џонсон.
„Ова е веројатно најопасниот момент“, нагласи тој, нарекувајќи ја ситуацијата „најголемата безбедносна криза во Европа“ во која е важно правилно да се дејствува, во комбинација на санкции, воено решение и дипломатија.
Јенс Столтенберг, исто така, рече дека испратил писмо до рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, нудејќи му разговори за поголема транспарентност околу воените вежби што Русија ги започна со Белорусија, како и разговори за контрола на нуклеарното оружје.
Претходно денеска Москва соопшти дека руската и белоруската армија започнале заеднички воени вежби во Белорусија, кои треба да траат десет дена.
Шефот на руската дипломатија денеска ги оцени како контрапродуктивни заканите на Западот упатени до Русија, која е обвинета дека подготвува воена акција против Украина.
„Идеолошките пристапи, ултиматуми и закани не водат кон ништо“, рече Сергеј Лавров на почетокот на средбата во Москва со британската колешка Лиз Трас. Тој изрази жалење што „многу западни колеги имаат страст за таков тип на комуникација“.
Ако Лондон сака да ги подобри односите со Москва, „секако дека ќе одговориме на ист начин бидејќи не можеме да бидеме задоволни со меѓусебните односи кои се на најниско ниво“, рече Лавров.
„Но, односите може да се нормализираат само преку дијалог со взаемно почитување и на еднаква основа (…) со цел да се најдат решенија кои би биле заемно прифатливи“, нагласи тој.
Трас кажа дека дошла во Москва за да ја „покани Русија да тргне по патот на дипломатијата“.
„Војна во Украина би била катастрофа за рускиот и украинскиот народ и за европската безбедност“, нагласи таа.
„Постои алтернативен пат, дипломатски пат, кој избегнува конфликти и крвопролевање“, додаде Трас.