Од полноќ нови мерки во Австрија – вакцинираните со трета доза ослободени од тест за ковид

пред 2 години

Од полноќ во Австрија е на сила нов режим за влез во државата, според кој без карантин можат да влезат само оние кои го исполнуваат таканареченото правило „2Г плус“ или примиле бустер доза.

Според новата регулатива, во земјава можат да влезат само лица кои имаат потврда за вакцинација или за прележан Ковид-19, но со негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.

Оние кои примиле засилена доза на вакцина против коронавирус се ослободени од тестирање за ковид.

Секој што ќе влезе во Австрија без тест и не примил бустер доза ќе мора да оди во десетдневен карантин. Карантинот може да се прекине само по пет дена изолација со негативен ПЦР тест направен во Австрија.

Дополнително, за оние кои не ги исполнуваат условите за влез во земјава без карантин, треба да се пријават електронски пред патувањето.

Од таа мерка се изземени само трудниците и лицата кои поради здравствени причини не можат да се вакцинираат, а за тоа мора да поседуваат лекарско уверение. Постојат и посебни правила за деца.

Имено, децата до 12 години се ослободени од овие мерки и тие мора да бидат ставени во карантин и електронски регистрирани доколку возрасното лице со кое патуваат мора да биде изолирано.

Исклучок има и за прекуграничната работна сила, која сè уште подлежи на правилото „3Г“, каде во земјава можат да влезат само вакцинирани, прележани или негативно тестирани лица.

Share
Scroll to Top