Орбан за замрзнатите руски средства: Тоа е објава на војна

Орбан за замрзнатите руски средства: Тоа е објава на војна

пред 2 часа

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во Брисел дека користењето на замрзнатите руски средства за потребите на Украина може да се протолкува како „објава на војна“ и дека тоа директно би ја вклучило Европската Унија во конфликтот.

Зборувајќи по еднодневниот самит на ЕУ, Орбан рече дека идејата за користење на замрзнатите руски средства е „мртва“ и дека Унгарија се спротивставила на тоа од самиот почеток, објави „Хирадо“.

„Рековме дека Унгарија се спротивставува на тоа и не презема никаква одговорност за тоа. Доколку овој предлог беше поминат, дефинитивно ќе бевме директно вклучени во војната во рок од неколку дена, или најдоцна во рок од три месеци. Успеавме да се заштитиме од тоа. Ова е голем успех“, рече Орбан.

Според него, се покажа дека приватните компании од земјите-членки на ЕУ имаат повеќе средства во Русија отколку што Русија има замрзнати средства во Европа, што, како што изјави, би значело загуба за Европа во случај на руски одговор.

Тој додаде дека таков потег нема да биде правно одржлив, бидејќи би се сметал за конфискација.

Орбан рече дека Белгија не сака сама да го преземе тој чекор и ќе се согласи на него само ако и другите членки го преземат ризикот, но дека, како што изјави, „никој немал храброст да го стори тоа“.

Унгарскиот премиер, исто така, рече дека неговата земја е против идејата за заедничко задолжување од страна на ЕУ со цел да се испратат пари во Украина во форма на заем, за кои, како што изјави, однапред знаел дека нема да бидат вратени.

Тој додаде дека Словачка и Унгарија остро се спротивставиле на тој предлог, како и дека чешкиот премиер Андреј Бабиш објавил дека неговата влада не сака да испраќа пари во Украина.

„Побаравме ако се качат на овој воз, а ние не сакаме да им купиме билет, да не мора да се качуваме на тој воз. Затоа бевме изоставени од тоа“, рече Орбан.

Тој објасни дека, со исклучок на Чешка, Словачка и Унгарија, повеќето земји-членки на ЕУ формирале заедница на доверители и обезбедиле таканаречен воен заем за Украина, користејќи средства од ЕУ.

„Бевме изоставени од ова“, рече Орбан, додавајќи дека кредитот, според него, никогаш нема да биде вратен, туку дека неговата отплата ќе падне врз оние што го одобриле.

Орбан оцени дека со ова Унгарија „ги спасила своите деца и внуци“ од обврската да ги врати парите испратени во Украина во иднина.

Фото: депозитфотос

Текстот Орбан за замрзнатите руски средства: Тоа е објава на војна е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top