Папата ги нападна ватиканските медиуми: Кој ги чита вашите вести?

пред 3 години

Папата Франциско е незадоволен од работата на медиумите во Ватикан, а при неговата посета на своите вработени, праша до колку луѓе допираат нивните вести и соопштенија воопшто. Папата потсети дека Ватикан им плаќа на своите медиуми повеќе од сите амбасади во светот заедно.

Поглаварот на Католичката црква ги посети Дикастирот за комуникации, седиштето на Радио Ватикан и редакцијата на ватиканскиот весник „Л’Осерваторе Романо“, кој одбележува 160 години постоење. Притоа ја искористи можноста да укаже на многу високите трошоци на тие оддели, пренесува АП.

Ватикан се соочува со сериозни финансиски проблеми и според сите проценки оваа година ќе има дефицит од околу педесет милиони евра. Затоа папата Франциско нареди намалување на платите на сите во Ватикан од три до десет проценти, што вклучува и световни и верски службеници и бонусите исплатени за години стаж ги замрзна на две години. Тој исто така посочи дека никој не смее да биде отпуштен поради економската криза создадена од пандемијата, односно заклучувањата воведени за борба против неа, што го чувствува и Ватикан, кој го затвори Ватиканскиот музеј, еден од најголемите извори на приход. Но, Папата беше особено жесток кога станува збор за црковните медиуми.

„Постојат неколку причини да бидам загрижен за радиото или Л’Осерваторе, но едно нешто особено ме допира. Колку луѓе го слушаат радиото? Колку луѓе го читаат Л’Осерваторе Романо?“, праша поглаварот на Католичката црква, пишува „Јутарњи лист“.

Тој додаде дека вработените таму работат добро и вредно, нивните канцеларии се убаво организирани, но прашање е дали нивната порака доаѓа таму каде што треба. Тој ги предупреди да не одат во „смртоносно“ одработување на работата со која, реално, не постигнуваат ништо.

Финансиските кратења воведени од папата Франциско низ целиот свет предизвикуваат револт кај вработените. Тие тврдат дека намалувањето на платите, неплаќањето на прекувремената работа и се повеќе и повеќе неплатената работа не одат „рака под рака“ со католичката социјална доктрина.

Share
Scroll to Top