Папата Франциск денеска изјави дека „моќникот поттикнува конфликти на националистички интереси“, со што имплицитно го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин за првпат од инвазијата на Украина.
Тој ја отфрли руската терминологија дека се работи за специјална воена операција, нарекувајќи ја војна.
„ Од истокот на Европа, од земјата на изгрејсонцето, се проширија темните сенки на војната. Мислевме дека инвазиите на други земји, дивите улични борби и атомските закани се темни спомени од далечното минато“, рече папата во својот говор пред претставниците на Малта, за време на неговата посета на оваа медитеранска земја.
„ Меѓутоа, ледените ветришта на војната, кои со себе носат само смрт, уништување и омраза, силно влијаеја врз животите на многу луѓе и нѐ погодија сите нас“, рече тој.
„ Повторно, некој моќен човек, за жал, заробен во анахрони тврдења за националистички интереси, предизвикува и поттикнува конфликти, додека обичните луѓе чувствуваат потреба да градат иднина која ќе биде заедничка или непостоечка“, додаде тој.
Папата веќе остро ја осуди „неоправданата агресија“ и ги осуди „ѕверствата“ во војната. Но, тој директно ја спомна Русија само во молитвите, на пример за време на специјалниот глобален мировен настан на 25 март.