Пашинјан вели дека тој ја сноси главната одговорност за ситуацијата во Нагорно-Карабах

пред 3 години

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан на онлајн прес-конференција утринава изјави дека тој ја сноси главната одговорност за ситуацијата во Нагорно-Карабах, пренесува ТАСС.

„ Се разбира, разбирам дека јас сум главниот одговорен за оваа ситуација“, рече Пашинјан.

Како резултат на воените операции во Нагорно-Карабах, контролата врз неколку области во непризнатата република ќе премине кај Азербејџан.

Ерменските вооружени сили претрпеа пораз во Нагорно-Карабах зашто тие се бореа не само против Азербејџан, туку и против турските сили и платените терористи од Блискиот Исток, наведува ТАСС.

„ Следејќи ги резултатите од јулските битки [во североисточна Ерменија] стана јасно дека сме подготвени за војна со армијата на Азербејџан. Но, војната со Азербејџан, Турција и терористите беше главната причина за нашиот неуспех“, нагласи тој.

Ерменските власти во многу наврати изјавија дека Турција е вклучена во воениот конфликт во Нагорно-Карабах. Ереван објави дека турските војници се борат за азербејџанската армија, а Анкара ја презеде командата со воздушните битки и распределува терористи од Блискиот Исток, особено од Сирија и Либија, во Карабах.

Неколку стотици ерменски војници и офицери се водат како исчезнати како резултат на борбените операции во Нагорно Карабах, рече Пашинијан.

„ Имаме неколку стотици исчезнати војници од почетокот на војната“, рече ерменскиот премиер.

Армијата на непризнатата Република Нагорно-Карабах ќе го задржи својот статус по потпишувањето на трилатералниот договор за прекин на огнот, рече Пашинијан.

“Одбранбената армија на Артсак [непризнатата Република Нагорно-Карабах] останува армијата на одбраната на Арсак. Таа ќе го задржи својот статус и мора да се развива. Армијата е гарант за суверенитетот на Артсак”, нагласи ерменскиот премиер.

На 9 ноември, рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев, и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах почнувајќи од 10 ноември.

Со договорот се запрени воените операции во регионот, Азербејџан и Ерменија ќе ги задржат позициите што сега ги контролираат, а во регионот ќе бидат распоредени руски мировници.

Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.

Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и почнаа со мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили. Како резултат на консултациите иницирани од Русија во Москва, Баку и Ереван се согласија да прекинат со огнот на 10 октомври за хуманитарни цели за размена на воените затвореници и мртвите. Сепак, примирјето подоцна беше прекршено.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но мнозински населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.

Од 1992 до 1994 година тензиите ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии, кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под водство на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од Русија, Франција и САД.

Share
Scroll to Top