Пашинјан: Земјите од регионот посериозно да се справат со терористите во Нагорно-Карабах

пред 3 години

Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, смета дека земјите од регионот мора да заземат посериозен став кон терористички платеници во Нагорно Карабах. Тој ја обвини Турција за трансфер на терористички платеници од Сирија во Нагорно-Карабах за да се борат за Азербејџан, пренесува ТАСС.

„Ова е меѓународно докажано“, изјави Пашинјан во интервју за „Иран дејли“.

Според него, ова претставува голема закана за регионот.

„За жал, земјите од регионот сè уште не реагираат доволно сериозно на оваа реалност. Несомнено е дека присуството на странски терористи ќе претставува закана за регионот во иднина. Земјите во регионот мора посериозно да се справат со ова прашање”, тврди Пашинјан.

Ерменските власти постојано повторуваат дека Турција е директно вклучена во конфликтот во Нагорно-Карабах. Ерменското раководство верува дека Анкара не само што го испраќа својот воен персонал да му помогне на Азербејџан, туку пренесува во зоната на конфликтот и платеници од терористичките групи што ги контролира во Сирија.

Тензиите околу Нагорно-Карабах се зголемија на 27 септември. Судирите меѓу ерменските и азербејџанските воени единици продолжуваат иако веќе беа склучени два договори за примирје.

Share
Scroll to Top