Пилоти се степаа во авион што летал кон Тел Авив: Израелците се посомневаа на киднапирање, ги подигнаа ловците

Пилоти се степаа во авион што летал кон Тел Авив: Израелците се посомневаа на киднапирање, ги подигнаа ловците

пред 2 часа

Авион на компанијата „Флајдубаи“ на лет од Дубаи кон Тел Авив, со 174 патници, меѓу кои и 27 деца, изврши принудно слетување во Саудиска Арабија по физичка пресметка меѓу двајцата пилоти во пилотската кабина. Тепачката го активирала алармниот сигнал, што во првиот момент предизвикало сомнеж за киднапирање, па Израел веднаш подигнал борбени авиони, пренесува израелскиот портал „Ynet News“.

За време на летот кон Израел, авионот накратко испратил сигнал што укажувал на незаконско мешање во летот. Израелските власти првично го третирале инцидентот како потенцијално киднапирање, но подоцна утврдиле дека алармот очигледно бил резултат на насилство и физички конфликт меѓу самите пилоти во пилотската кабина.

Авионот потоа бил пренасочен кон Саудиска Арабија, каде што се спуштил на помала висина и конечно безбедно слетал на пистата.

Израел подигна борбени авиони и свика кризен состанок
Инцидентот поттикна голема безбедносна операција во Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац веднаш свикаа итни безбедносни консултации, додека Оперативниот оддел на израелската полиција нареди формирање заеднички команден центар со сите безбедносни служби.

Шефот на израелската полиција, Дани Леви, исто така даде проценка на ситуацијата. „Се подготвуваме за секое можно сценарио“, изјави Леви во време кога сите околности за она што се случувало во авионот сè уште не биле разјаснети.

Пилотите испратија код за киднапирање и го свртеа авионот
Летот на „Флајдубаи“ полета од Дубаи во Обединетите Арапски Емирати во 7:05 часот наутро и требаше да слета на аеродромот „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив околу 9:30 часот.

Околу час и половина по полетувањето, додека авионот влегувал во јорданскиот воздушен простор, предавателот емитувал транспондер-код 7700, што претставува меѓународна ознака за општа опасност. Кратко потоа бил испратен и кодот 7500, кој укажува на незаконско мешање и стандардно се користи кога авионот е киднапиран.

Речиси истовремено, авионот свртел назад, се вратил во воздушниот простор на Саудиска Арабија и почнал да лета на значително помала висина. Откако првично се упатил кон југ, свртел кон запад, при што цело време останал во воздушниот простор над Саудиска Арабија.

Изгубен контакт со пилотот – стравувања од најлошото

Израелските воздухопловни сили веднаш кренаа борбени авиони, додека надлежните на земјата се обидуваа да утврдат што точно се случува во пилотската кабина. Во првите моменти од кризата, претставник на израелските безбедносни служби изјави дека немаат цврсти докази за киднапирање, но дека се крајно загрижени бидејќи не можеле да стапат во контакт со екипажот.

„Немаме веродостојни информации што укажуваат на киднапирање, но пилотот го активираше сигналот за опасност“, изјави тогаш еден службеник за „Ynet News“, додавајќи: „Не можеме да воспоставиме контакт со пилотот, а тоа е причина за сериозна загриженост“.

Тепачка меѓу пилотите
Подоцна, надлежните утврдија дека алармот бил активиран поради тепачка меѓу пилотите, а не поради упад на киднапери. Авионот на крајот безбедно слета во Саудиска Арабија, со сите патници во него.

Текстот Пилоти се степаа во авион што летал кон Тел Авив: Израелците се посомневаа на киднапирање, ги подигнаа ловците е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top