Пилот напиша „Досадно ми е“ со авион во воздух над Британија

Пилот напиша „Досадно ми е“ со авион во воздух над Британија

пред 7 часа

Британски пилот смисли необичен начин да го помине времето за време на пробен лет. Имено, тој ја искористил рутата на летот за да ја „напише“ пораката „Досадно ми е“ на радарот над границата меѓу Англија и Велс.

Неговата порака е снимена од веб-страницата за следење на летови Flightradar24. Податоците покажуваат дека авионот на Ravenair полетал од Ливерпул во 11:25 часот во саботата. За време на двочасовниот лет, тој прелетал над областите Вирал, Чешир, Северен Велс и естуарот Ди, каде што пораката можела јасно да се прочита на мапата на летот.

Пилотот исцртал седум букви над морето помеѓу Талакре и Гринфилд со прецизни и остри вртења околу 20 минути. „Никогаш не сум видел пилот да напише колку му е здодевно, цртајќи го тоа на небото“, рече Арон Рајнс, креатор на содржина за следење на летови на TikTok.

Според Flightradar24, пораката е нацртана на висина од околу 335 метри. Ravenair објасни дека пилотот, инструктор по летање во неговите 20-ти години, летал со Piper Tomahawk за време на тест лет откако бил заменет дел од авионот.

Главниот оперативен директор на компанијата, Вејн Барет, навести дека пилотот нема да се соочи со никакви последици и ги пофали неговите летачки вештини. „Мислам дека пилотот буквално беше малку љубопитен, односно му беше малку здодевно затоа што беше само тест лет. Морам да признаам дека беше доста вешт лет“, изјави тој за BBC.

„Пилотот не е во неволја, но целата работа привлече многу внимание“, додаде Барет.

Тој потврди дека на летот бил тестиран нов дел инсталиран на авионот, иако рутата по која летал пилотот не била одобрена. „Мислам дека еден цилиндар е заменет. После тоа, правиме пробен лет за да се осигураме дека сè е во ред“, нагласи тој.

И покрај пораката што ја напишал на мапата на летот, Барет верува дека пилотот сигурно бил целосно фокусиран цело време. „Можеби му било малку здодевно, но за да ги напише тие зборови, морал да биде многу фокусиран“, заклучи тој.

Текстот Пилот напиша „Досадно ми е“ со авион во воздух над Британија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top