Децата кои поминуваат повеќе време пред екраните може да имаат послаби резултати на училиште, потешкотии во развојот на јазикот, како и повеќе емоционални проблеми и проблеми во однесувањето, покажало едно од досега најголемите истражувања за влијанието на користењето дигитални уреди врз развојот на децата.
Истражувачите анализирале податоци за повеќе од 2,8 милиони деца од 64 земји, а резултатите покажуваат дека поголемата изложеност на екрани е поврзана со понеповолни исходи во неколку области од развојот и менталното здравје на децата. Студијата е објавена во списанието „JAMA Pediatrics“, пишува „Гардијан“.
Анализата опфатила различни уреди, меѓу кои паметни телефони и телевизори, како и активности како користење социјални мрежи, играње видеоигри, гледање содржини преку стриминг-платформи и видеоповици.
Истражувачите, предводени од научници од Универзитетот во Калгари во Канада, утврдиле дека подолгото време поминато пред екрани е поврзано со понизок вкупен училишен успех и послаб развој на јазикот.
Кога станува збор за менталното здравје, поголемата употреба на екрани била поврзана со емоционални тешкотии и проблеми во односите со врсниците, како и со симптоми на депресија и анксиозност.
Забележана е и поврзаност со проблеми во однесувањето, вклучително и агресивност и симптоми на нарушување на вниманието и хиперактивност.
Авторите наведуваат дека големината на овие поврзаности е споредлива, а во некои случаи и поголема од онаа забележана кај некои веќе познати фактори поврзани со развојот на децата, меѓу кои се социоекономскиот статус на семејството, однесувањето на родителите и предвременото раѓање.
Сепак, експертите предупредуваат дека резултатите треба да се толкуваат внимателно. Татјана Ињигез Бероспе од Универзитетот во Сарагоса изјавила дека истражувањето покажува поврзаност меѓу времето поминато пред екрани, менталното здравје и училишниот успех, но дека таа поврзаност е релативно мала.
Таа нагласила дека резултатите не ја потврдуваат тезата дека екраните се главната причина за емоционалните тешкотии кај адолесцентите и дека само користењето дигитални уреди не може да објасни зошто некои тинејџери имаат емоционални проблеми или послаби резултати на училиште.
Текстот Повеќе време пред екраните е поврзано со послаб училишен успех кај децата, покажува студија е превземен од МАКФАКС.





