Полските пратеници одобрија брза изградба на ѕид од 402 милиони долари на границата со Белорусија, во обид да се запре растечкиот прилив на мигранти.
За реализација на овој план на предлог на Владата, кој подразбира изградба на ѕид со сензори за движење, по вчерашната потврда во парламентот, потребно е само одобрение од претседателот Анджеј Дуда.
Полска и другите земји од ЕУ го обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги охрабрува и помага мигрантите од Блискиот Исток и Африка да бараат влез во ЕУ преку нивните граници со Белорусија.
Тие наведуваат дека владата во Минск се обидува да ја дестабилизира целата Унија како одмазда за западните санкции.
Некои мигранти, претежно од Ирак и Сирија, починале од исцрпеност во близина на границата меѓу Полска и Белорусија, која минува преку 400 километри низ шуми, мочуришта и долж реката Буг.
Полска подигна бодликава жица кон Белорусија и испрати илјадници војници и полицајци таму, но мерките не успеаја да го запрат приливот на мигранти, иако граничарите, според новиот полски закон, имаат овластување веднаш да ги враќаат мигрантите назад преку границата.