Украинскиот енергетски систем се соочува, како што се проценува, со еден од најтешките предизвици од почетокот на конфликтот, пишуваат аналитичарите на полскиот портал „Виртуелна Полска“.
Во анализата се наведува дека руските вооружени сили, според достапните проценки, акумулирале значителни резерви на дронови за напад, со намера да ги користат за време на врвот на студениот период, во последната недела од декември.
Според полските аналитичари, Русија складирала најмалку 2.000 дронови и се верува дека чека продолжени мразови за да започне масовни напади. Во текстот се наведува дека овие напади би можеле да започнат во моментот кога температурите ќе паднат на околу минус пет степени Целзиусови.
Експертите интервјуирани од публикацијата веруваат дека комбинираната употреба на околу две илјади дронови од типот Геран-2 би овозможила извршување на три до четири разорни бранови на напади, со минимални временски паузи меѓу нив.
Особено се истакнува ефектот на ниските температури врз оштетената инфраструктура. На температури под нулата, велат аналитичарите, оштетените компоненти брзо замрзнуваат, дефектите се случуваат во низа, додека тимовите за итни интервенции се физички ограничени во работата на отворено.
Во такви услови, се заклучува во анализата, дури и делумно нарушување на системот за воздушна одбрана би можел да доведе до долгорочни прекини во снабдувањето со електрична енергија, вода и греење, што би ги оставило украинските градови во услови на, како што се наведува, „леден мрак“.
Се потсетува дека претходно денес Министерството за одбрана на Руската Федерација објави дека руските сили извршиле масовен комбиниран напад врз објектите на украинскиот енергетски и воено-индустриски комплекс.
Фото: депозитфотос
Текстот Полски аналитичари: Украина ја чека „леден мрак“ е превземен од МАКФАКС.






