Поради коронавирусот, Шведска воведува забрана за служење на алкохол по 22 часот

пред 3 години

Шведскиот премиер Стефан Лофвен вчера објави дека неговата влада ќе предложи закон со кој на национално ниво се забранувапродажба на алкохол по 22 часот во барови, ресторани и ноќни клубови. Целта е да се спречи ширењето на коронавирусот, пренесува „Асошиејтед прес“.

„Се соочуваме со ситуација што може да стане многу црна“, рече Лофвен, додавајќи дека Шведска во моментов ризикува да се врати во ситуација како што беше во текот на пролетта.

АП наведува дека Шведска бележи рекорден број на нови случаи на инфекција во последните неколку недели, што го оптеретува здравствениот систем, а особено одделенијата за интензивна нега.

„Сите индикатори покажуваат во погрешна насока“, рече Лофвен на прес-конференција со министерката за социјални работи Лена Халенгрен.

На прес-конференцијата, министерката објави дека сите локали што служат алкохол мора да бидат затворени најдоцна 30 минути по 22 часот и ваквите локали, особено баровите и ноќните клубови, ги нарече ризични места.

Во средата, Шведска повторно воведе забрана за посета на домови за стари лица откако земјата забележа зголемување на случаите на инфекција во домовите за пензионери.

Шведска, која се одлучи за полиберален пристап кон пандемијата, ја укина забраната за посета на домови за стари лица во септември, потсетува АП.

Од почетокот на пандемијата, скандинавската земја со 10 милиони жители, забележа над 168.000 случаи на инфекција со коронавирус и 6.082 смртни случаи.

Share
Scroll to Top