Почина 28-годишна лабораториска техничарка, околу 200 лица под надзор поради сомнеж за чума

Почина 28-годишна лабораториска техничарка, околу 200 лица под надзор поради сомнеж за чума

пред 3 часа

Дваесет и осумгодишна лабораториска техничарка од Иркутскиот институт за борба против чума починала во Сибир, а околу 200 лица кои биле во контакт со неа се ставени под медицински надзор и изолација поради сомнеж дека станува збор за белодробна чума.

Случајот предизвика сериозни епидемиолошки мерки во Иркутската област. Болницата во градот Шелехов, каде што била лекувана младата жена, е ставена во карантин, а во регионот пристигнала и шефицата на руската Федерална служба за надзор на заштитата на правата на потрошувачите и благосостојбата на луѓето – Роспотребнадзор, Ана Попова.

Починатата е идентификувана како 28-годишната Дарја Шипилова, вработена како лабораториска техничарка во Иркутскиот институт за борба против чума. Според рускиот медиум „Луѓето на Бајкал“, таа на 25 септември наводно скршила епрувета со причинител на белодробна чума, по што се разболела. Била хоспитализирана во Шелехов, а починала ноќта на 2 октомври.

Сепак, околностите под кои се заразила сè уште не се официјално и целосно разјаснети.

Властите во Иркутската област засега внимателно ја формулираат причината за вонредните мерки и зборуваат за „особено опасна заразна инфекција“, без официјално да потврдат дека станува збор за чума. Шефот на соседната Бурјатија, Алексеј Циденов, првично објавил дека жената починала од чума, а потоа ја изменил објавата и навел дека „можеби починала од чума“.

Според досега објавените информации, околу 200 лица кои можеле да бидат во контакт со Шипилова се ставени под медицински надзор. Гувернерот на Иркутската област Игор Кобзев соопштил дека кај идентификуваните контакти нема знаци на заболување и дека нивните лабораториски тестови се негативни.

Верзијата дека заразувањето се случило едноставно со кршење епрувета ја оспорува рускиот епидемиолог Михаил Фаворов.

Според него, вработените во институтите за борба против чума работат во специјална заштитна опрема, поради што веројатноста за заразување само поради скршена епрувета би била мала.

„Верзијата со епруветата? Смешна е“, изјавил Фаворов, оценувајќи дека поверојатно е да станувало збор за професионално заразување при работата, чии точни околности допрва треба да бидат утврдени.

Фаворов изразил загриженост и поради фактот што Ана Попова лично пристигнала во Иркутск, оценувајќи дека тоа укажува на сериозноста со која руските здравствени власти го третираат случајот. Тој изнел и сомнежи дека јавноста не ги добива сите информации за тоа што точно се случило, но засега нема независна потврда дека руските власти прикриваат поширока епидемија.

Дополнително внимание предизвикала и постапката на локалните власти во Бајкалск, кои објавиле препорака граѓаните да не патуваат во Шелехов, по што објавата била избришана.

Чумата е бактериска инфекција предизвикана од бактеријата Yersinia pestis. Белодробната форма ги зафаќа белите дробови и, за разлика од бубонската форма, може да се пренесува од човек на човек преку респираторни капки. Болеста може успешно да се лекува со антибиотици доколку терапијата започне навреме.

Засега нема потврдени информации дека некој од околу 200-те контакти на починатата се заразил. Сите лица под надзор, според последните информации од регионалните власти, се без симптоми и со негативни тестови.

Текстот Почина 28-годишна лабораториска техничарка, околу 200 лица под надзор поради сомнеж за чума е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top