До крајот на мај „Фајзер“ ќе ја заврши првата фаза од клиничките испитувања и тие веруваат дека до есен ќе ги имаат првите антивирални лекови против Ковид-19. Лекот досега беше именуван како PF-07321332 и во лабораториски услови се покажа како одличен во спречување на ширењето на вирусот Сарс-Ков-2, па веројатно и тестирањето на луѓе во САД и Белгија ќе биде подеднакво успешно до крајот на годината, пренесува „Дејли мејл“.
Тоа е лек што може да ја види светлината на денот благодарение на тимови на научници како проф. д-р Иван Џикиќ од Гете институтот во Франкфурт кои се обидуваа да ги пронајдат слабите точки на вирусот.
Нивниот лек се базира врз насочено дејство на ензимите на вирусот, односно протеазата. Лекот спречува размножување на вирусот и е комплементарен со вакцините. Тоа значи дека можеме да го користиме кај вакцинирани и невакцинирани лица, како и кај секој што ќе биде заразен со ковид во иднина. Имено, вакцината работи против влегување на вирусот во клетките, а лекот дејствува на вирусот кој веќе е во клетките“, објаснува проф. Џикиќ, истакнувајќи дека лекот сам за себе веројатно не е ефикасен, но во комбинација со други лекови, научниците со текот на времето ќе развијат нови пристапи што ќе го направат поефикасен.
„Веројатно ќе го користиме во комбинација со лек против друг ензим наречен репликаза. Можеме да го споредиме со ХИВ затоа што го победивме на ист начин. Потребни беа, сепак, 30 години да се најде коктел од два лека и нивната комбинација ја отстрани опасноста од развој на сида“, рече Џикиќ.
„Фајзер“ објави дека лекот може да спречи развој на потешки форми на болест кај вакцинирани лица или како втора линија на одбрана во случај на појава на нови видови. Засега, единствениот ефикасен начин да се заштитиме од болеста е вакцинацијата, но во „Фајзер“ започнаа клинички испитувања на антиковид таблети врз 60 здрави субјекти, бидејќи испитувањата врз животни беа успешни.
Ако резултатите останат ветувачки, тоа ќе се пресели во нови фази на тестирање на поголем примерок од испитаници, па дури и британскиот премиер Борис Џонсон минатата недела објави дека владата покренува специјални сили за откривање лекови со кои до есен ковидот ќе стане болест што се лечи дома со помош на неколку таблети.