Путин: Ерменија треба да одржи референдум за ЕУ што е можно поскоро

Путин: Ерменија треба да одржи референдум за ЕУ што е можно поскоро

пред 4 часа

Рускиот претседател, Владимир Путин, денес изјави дека Ерменија треба што е можно поскоро да одлучи дали сака да се приклучи на Европската унија или да остане во Евроазиската економска унија, додавајќи дека верува оти е невозможно да се усогласат двете опции.

„Самиот премиер Пашинјан рече дека смета дека е исправно да се одржи референдум за ова прашање, за тоа каде треба да биде Ерменија: во Евроазиската унија или во Европската унија. Би сакале ова да се направи што е можно поскоро“, рече Путин на прес-конференција во Астана, главниот град на Казахстан.

„Какви и да се одлуките, тоа нема да им наштети на нашите хуманитарни врски, нема да им наштети на нашите политички врски“, увери Путин. Сепак, тој додаде дека би било „невозможно да се помират едното со другото“ во економската област поради прашања поврзани со стандардите и инвестициите, со оглед на тоа што Русија е главен економски партнер на Ерменија.

Рускиот претседател беше во Казахстан на состанок на Советот на Евроазиската економска унија, на кој припаѓа и Ерменија. На крајот од состанокот, претседателите на Русија, Белорусија, Казахстан и Киргистан ја поканија Ерменија на референдум да одлучи на која унија сака да припаѓа.

„Го делиме ставот за потребата од што е можно поскоро организирање национален референдум во Република Ерменија за пристапување кон Европската унија или останување во Евроазиската економска унија“, се вели во заедничкото соопштение издадено од Кремљ.

Ерменија официјално ја објави својата намера да аплицира за членство во ЕУ минатата година, продолжувајќи го партнерството воспоставено во 2017 година. Но, Ереван сè уште не се одлучил за тој чекор, а Москва предупреди дека „пристапувањето на земјата во Европската Унија би било невозможно“ со оглед на нејзините многу блиски врски со руската економија.

Ерменците излегуваат на гласање на 7 јуни на парламентарни избори што ќе ја тестираат јавната поддршка за геополитичката пресвртница на премиерот Никол Пашинјан.

 

фото/Depositphotos

Текстот Путин: Ерменија треба да одржи референдум за ЕУ што е можно поскоро е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top