Путин и Макрон разговараа по телефон по три години

Путин и Макрон разговараа по телефон по три години

пред 8 часа

Рускиот претседател, Владимир Путин разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон за војната во Украина, соопшти денес Кремљ. Се работи за прв телефонски разговор меѓу двајцата лидери од 2022 година.

Во соопштението се наведува дека Путин, коментирајќи ја ситуацијата во Украина, оценил дека сегашниот конфликт е директна последица на политиките на западните земји кои со години ги игнорираа безбедносните интереси на Русија, а сега водат политика на продолжување на непријателствата.

Рускиот претседател ги потврди основните пристапи кон можните мировни договори за Украина, се додава во соопштението, тврдејќи дека договорот треба да биде сеопфатен и долгорочен, да обезбеди отстранување на коренските причини за украинската криза и да се базира на нови територијални реалности.

Двајцата лидери разговараа и за ситуацијата на Блискиот Исток во контекст на конфликтот меѓу Иран и Израел и нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран. Тие ја нагласија посебната одговорност на Русија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност на ООН во зачувувањето на мирот и безбедноста и одржувањето на глобалниот режим за неширење на нуклеарно оружје.

„Во овој контекст, важноста од почитување на легитимното право на Техеран да развива мирна нуклеарна енергија и да продолжи да ги исполнува своите обврски според Договорот за неширење на нуклеарно оружје, вклучително и соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)“, се додава во соопштението.

Путин и Макрон се залагаа за решавање на прашањето за иранската нуклеарна програма и другите регионални прашања исклучиво преку политички и дипломатски средства, а беше нагласено дека претседателите се согласиле да продолжат со контактите. „Разговорот меѓу Владимир Путин и Емануел Макрон беше значаен“, се заклучува во соопштението.

Ова е првиот телефонски разговор меѓу двајцата претседатели по повеќе од две години, а последниот познат контакт се одржа во септември 2022 година.

Текстот Путин и Макрон разговараа по телефон по три години е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top