Претседателот Доналд Трамп минатата недела објави дека посредувал во еднонеделно примирје меѓу Русија и Украина, истакнувајќи го својот личен однос со рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп рече дека го убедил својот руски колега да ги запре нападите врз украинските градови и енергетската инфраструктура за време на бруталниот студен бран.
Проблемот за Трамп е што немало вистинско прекинување на борбите, барем од руска страна. Амбасадорката на Украина во Соединетите Држави, Олга Стефанишина, официјално му достави на Стејт департментот детални докази за бомбардирањето што следеше по наводното примирје.
Притоа, руските ракети погодија не само украински цели, туку и самоуверените тврдења на Трамп за хуманитарна пауза во борбите. Притоа, Путин му послужи на својот наводен пријател уште еден TACO момент (акроним за „Трамп секогаш се плаши“ – Trump Always Chickens Out) и повторно го измами, објави „Њузвик“.
Таканареченото „енергетско примирје“ на Трамп со Русија требаше да го покаже неговиот препознатлив талент за склучување договори. Наместо тоа, го стави во многу незгодна политичка позиција.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не го напаѓа Киев и тие градови и места една недела за време на ова… екстремно студено време“, рече Трамп на состанокот на кабинетот во Белата куќа кон крајот на минатата недела. Путин „се согласи“, рече Трамп.
Но, Белата куќа не понуди јасно објаснување за обемот или временската рамка на каква било потенцијална пауза. Тврдењето дека Русија се согласила на примирје само послужи за да ја нагласи нејасноста на пристапот на Трамп.
Иако Трамп сугерираше дека Путин се согласил на целосно примирје во траење од една недела, Кремљ подоцна тивко го претстави договорот како ограничен и краткотраен, кој истекува веќе на 1 февруари.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека Трамп упатил „лично барање“ до Путин да ги запре нападите врз Киев до 1 февруари, опишувајќи го потегот како обид за „создавање поволни услови за преговори“.
Споменувањето на 1 февруари веднаш покрена прашања, бидејќи тој датум беше само два дена оддалечен. Покрај тоа, временските прогнози покажаа дека најстудените денови од зимата не се очекуваат до викендот, што ја отежнува разбирањето на логиката на толку тесно дефинираното примирје.
Текстот Путин повторно го насамари Трамп, објави „Њузвик“ е превземен од МАКФАКС.






