Ромни: Републиканците ќе го поддржат Трамп ако повторно се кандидира за претседател

пред 3 години

Републиканскиот сенатор Мит Ромни верува дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп лесно ќе ја oсвои номинацијата на Републиканската партија за претседател на САД, доколку повторно се кандидира за влез во Белата куќа во 2024 година.

Во онлајн интервју за „Њујорк Тајмс“, Ромни рече дека е убеден оти Трамп ќе има улога во Републиканската партија во наредните години и додаде дека поранешниот претседател на САД има убедливо најсилен глас и одлично влијание во партијата.

„Не знам дали ќе се кандидира во 2024 година или не. Но, ако се кандидира, јас сум прилично сигурен дека ќе добие номинација”, рече Ромни.

Тој истакна дека многу може да се случи до 2024 година, но посочи дека анкетите на јавното мислење покажуваат оти републиканските гласачи сепак претежно го фаворизираат поранешниот претседател, пренесува „Политико“.

Share
Scroll to Top