Пред почетокот на заседанието на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ, германскиот министер за Европа Михаел Рот истакна дека мирот, напредокот, стабилноста, владеењето на правото се од витално значење за сите во Европската Унија.
Рот подвлече дека Европската Унија мора да ги исполни своите ветувања. „Ние мора да им вдахнеме живот на нашите определби“, рече тој, истакнувајќи дека и Албанија и Северна Македонија го направија потребното и затоа Европската Унија мора токму сега да го стори она што е на неа.
„ЕУ треба да ги започне преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија што е можно поскоро, и се надевам дека билатералните проблеми можат да се решат на билатерално ниво, а не на ниво на Унијата“, рече германскиот министер.
„Постои посебна одговорност на европските дваесет и седуммина, а ЕУ и Германија се подготвени да сторат се што е можно во тој поглед“, заклучи Рот.