Рубио ја отфрли понудата на Иран за Ормускиот теснец, Русија нуди посредување во конфликтот

Рубио ја отфрли понудата на Иран за Ормускиот теснец, Русија нуди посредување во конфликтот

пред 3 часа

Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека понудата на Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец под строги услови на Техеран е неприфатлива за Соединетите Американски Држави и за другите земји.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е подготвена да посредува во завршување на конфликтот со Иран доколку бидат договорени прифатливи опции.

На југот на Либан и во пограничната област со Израел е регистрирана нова ескалација на судирите, вклучувајќи воздушни напади, размена на оган и напади со дронови.

Либанската државна новинска агенција ННА соопшти дека „непријателски воени авиони“ извршиле три воздушни напади врз градот Завтар ел Шаркија од раните утрински часови, додека тешки митралези биле користени во нападите врз населбата Ал-Махнија во градот Бинт Џбејл.

Дополнително, наведено е дека израелски авиони и дронови интензивно го надлетуваат подрачјето на Тир и други градови и села на југот на земјата.

Израелската армија соопшти дека еден нејзин војник е тешко, а друг полесно ранет во напад со дрон што го извела либанската група Хезболах на југот на Либан, пренесе „Тајмс оф Израел“.

Според Израел, Хезболах во последните недели сè почесто користи мали дронови во нападите врз израелските сили во пограничната зона.

Ситуацијата на границата останува напната, со продолжени воени активности од двете страни и засилено присуство на воздушни и беспилотни летала во регионот.

Израелските напади врз Либан продолжуваат, при што најмалку 14 лица загинале, а 37 се ранети во нападите на југот на земјата, соопшти либанското Министерство за здравство.

Лидерот на Хезболах, Наим Касем, ги отфрли директните преговори со Израел, оценувајќи ги како „тежок грев“ што би ја дестабилизирал земјата, додека израелскиот министер за одбрана Израел Кац предупреди дека пркосот на групата ќе има катастрофални последици за Либан.

Во Санкт Петербург, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за состојбата на Блискиот Исток, при што оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп побарал преговори со Иран затоа што САД не постигнале ниту една од своите цели.

Од Кремљ повторно порачаа дека Русија е подготвена да посредува во решавањето на конфликтот доколку се усогласат прифатливи услови, додавајќи дека Москва останува посветена на зајакнување на односите со Техеран.

Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека Трамп разговарал со највисоките советници за национална безбедност за новиот ирански предлог, но дека неговите клучни барања остануваат непроменети – слободен проток на нафта низ Ормускиот теснец и предавање на збогатениот ураниум од страна на Иран.

Рубио нагласи дека иранската понуда не е прифатлива бидејќи, според него, на тој начин теснецот и натаму би останал под контрола на Техеран.

Во исто време, британскиот министер за Европа и Северна Америка, Стивен Даути, изјави дека Велика Британија не поддржува американска блокада на иранските пристаништа, но се залага за заеднички напори за обезбедување непречена пловидба низ Ормускиот теснец.

Текстот Рубио ја отфрли понудата на Иран за Ормускиот теснец, Русија нуди посредување во конфликтот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top