Руската вакцина „спутник В“ обезбедува силна заштита од сериозни симптоми и хоспитализација од варијантата омикрон, објави денеска Рускиот инвестициски фонд (РДИФ), повикувајќи се на прелиминарна студија на производителите на вакцини.
Употребата на руската „Спутник Лајт“ вакцина како засилувачка доза, помага да се развие посилен одговор на антителата на варијантата омикрон, според студијата на Институтот Гамалеја.
Прелиминарните податоци на Гамалеја сугерираат дека ефективноста на „спутник В“ во комбинација со засилувачот на „Спутник Лајт“ против омикрон може да биде повеќе од 80 проценти.
РДИФ објави дека прелиминарната лабораториска студија на Гамалеја покажала дека „спутник В“ покажува висока активност во неутрализација на вирусот против омикрон.
Руското Министерство за здравство го препорачува Спутник Лајт како засилувачка доза шест месеци по вакцинацијата со „спутник В“.
Руската вакцина сè уште не е одобрена од Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови.
Експертите од двете агенции тврдеа дека вакцината не е одобрена поради некомплетна руска документација.
Портпаролот на Кремљ во вторникот изјави дека сите информации што ги бара СЗО досега не биле испратени во Женева поради недоразбирање.
„ Навистина, има одредени информации кои допрва треба да бидат доставени за сертификација“, изјави за Интерфакс портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Сè уште не сме го направиле тоа бидејќи различно разбравме за какви информации станува збор и како да ги пренесеме“, додаде тој.
Тоа признание е невообичаено, бидејќи Русија досега тврдеше дека „спутник В“ се уште не е одобрен од политички причини.