Официјална Москва му предложи на Вашингтон да разменат гаранции дека една земја нема да се меша во внатрешните работи на другата земја, но и да воспостават канали за комуникација со цел да се спречат идните хакерски напади, објави руското Министерство за надворешни работи.
Како што се наведува, одговорот на Вашингтон на овој предлог на рускиот претседател Владимир Путин од септември минатата година може да стане првиот чекор во вистинска насока.
Во исто време, Министерството за надворешни работи на Русија, коментирајќи го извештајот на американската разузнавачка служба во кој Русија беше потенцирана како најголема закана за Америка кога станува збор за сајбер просторот, рече дека на овој начин и Москва би можела да го обележи Вашингтон како нејзина најголема закана без никакви факти.
Во истите извештаи е наведено дека сопствената неспособност да иницира глобален дијалог за прашањето на меѓународната безбедносна информација е камуфлирана од лошите и веќе истрошени обвинувања кон Русија за извршување на провокативни акции насочени кон уривање на влијанието на Вашингтон и ослабување на алијансата на западните земји.
Руското министерство исто така тврди дека обвинувањата на Вашингтон кон Русија не се базираат на никакви докази, туку дека се користат исклучиво како причина за зголемување на финансирањето на американските разузнавачки служби.
„Создавањето непријател во форма на Русија заради решавање на сопствените проблеми е класичен метод што се користеше во голема мера за време на Студената војна“, потсетува рускиот оддел за надворешна политика.
Се додава дека ваквите извештаи не припаѓаат на земја која се смета за најголема светска сила, која како таква има најголема одговорност за мирот и безбедноста во светот.