Русија денеска соопшти дека ги затворила канцелариите на германската медиумска куќа „Дојче веле“ (ДВ), како одговор на германската забрана за работа на рускиот медиум „Раша тудеј ДЕ“ (РТ ДЕ).
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека канцеларијата на „Дојче веле“ ќе биде затворена, а новинарите ќе ги загубат акредитациите и каналот ќе престане да емитува програма на територијата на Русија, пренесе „Ројтерс“.
Руските власти, исто така, покренаа постапка за вклучување на ДВ во листата на „медиуми кои дејствуваат во име на странски агент“, според рускиот закон за „странски агенти“.
Германското регулаторно тело за медиуми МААБ неделава соопшти дека РТ ДЕ не може да се емитува во Германија со користење на српска лиценца.
„Нема дозвола за емитување на оваа програма во Германија, ниту пак досега било поднесено барање за емитување“, се вели во соопштението на Комисијата за контрола и лиценцирање на јавно емитување на радио и ТВ програми во Германија.
РТ во Германија досега се емитуваше на неколку канали, вклучително и на интернет и преку сателити. РТ се повика на лиценцата за емитување во Европа која за оваа програма ја издале властите во Србија. Германската радиодифузна канцеларија дојде до заклучок дека РТ нема дозвола која би го оправдала емитувањето во Европската унија.
Во меѓувреме, програмата на РТ на германски јазик е отстранета од каналот на „Јутјуб“, како и од сателитската програма на „Еутелсат“.