Русија денеска испрати два бомбардери со долг дострел со нуклеарно оружје да патролираат над својот сојузник Белорусија поради растечките тензии околу Украина, пренесуваат медиумите во светот.
Руското Министерство за одбрана објави дека два стратешки бомбардери Ту-22М3 извршиле вежба за интеракција со белоруското воздухопловство и противвоздушната одбрана.
Пред четиричасовната мисија, неколку слични патроли беа спроведени над Белорусија, која граничи со Украина на север, е наведено во новинарските извештаи.
Мисијата, анализираат тие, дојде откако Русија ги премести војниците од Сибир и Далечниот Исток во Белорусија на заеднички воени вежби, а уште повеќе руски војници во близина на Украина ги подгреаја стравовите на Западот од можна инвазија.
Русија негира дека планира напад врз Украина, но бара гаранции од САД и нивните сојузници дека НАТО нема да се прошири во Украина, нема да распореди оружје таму и дека ќе ги повлече своите сили од Источна Европа.
Вашингтон и НАТО ги отфрлија барањата и ја повикаа Русија да повлече околу 100.000 војници од областа во близина на Украина, што Кремљ го одби.
Поради зголемениот страв од војна, украинските власти започнаа серија вежби за цивили како подготовка за можна руска инвазија, пренесуваат агенциите.
Американскиот претседател Џозеф Бајден нареди распоредување на 2.000 американски војници во Полска и Германија и трансфер на уште 1.000 од Германија во Романија за да покаже посветеност на источното крило на НАТО.
На почетокот на неделава Кремљ сигнализираше подготвеност за дополнителни разговори со Вашингтон и неговите сојузници во НАТО, по што француските и германските лидери најавија посети на Москва и Киев.
Во денешниот разговор, британскиот и францускиот лидер Борис Џонсон и Емануел Макрон се согласија дека изнаоѓањето дипломатско решение за сегашните тензии мора да остане главен приоритет.
Кабинетот на Џонсон соопшти дека лидерите во разговорот истакнале дека НАТО мора да биде обединет во соочувањето со руската агресија и заеднички да развие пакети санкции во случај на руски напад врз Украина.