Намалувањето на придонесот на САД во кризните сили на НАТО стапи на сила веднаш, потврди денес генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, додавајќи дека другите сојузници го зголемуваат своето учество за да ги пополнат празнините што ги остави потегот на САД.
„Вчера прашањето беше: дали е ова веднаш или не? Тоа е веднаш“, изјави Руте пред новинарите пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
„Сепак, малку сум неодлучен да го кажам тоа бидејќи тоа е алатка за планирање. Па што би се случило во реалноста? Ако избувне војна, сите сојузници, вклучувајќи ги и САД, ќе сторат сè што можат за да се осигурат дека можеме да ја водиме војната“, нагласи тој.
„Намалувањето на придонесот на САД во воените сили на НАТО во случај на криза нема да ги намали капацитетите на Алијансата, бидејќи европските сојузници и Канада ќе ги зголемат своите придонеси“, рече Руте еден ден претходно.
НАТО има одредени сили, таканаречениот Модел на сили на НАТО, кои можат да се активираат во случај на голема криза, како што е напад врз една од нејзините членови. Точниот состав на овие сили е строго чувана тајна.
„Веројатно сте ја слушнале веста дека САД ги прилагодуваат своите придонеси кон Моделот на сили на НАТО. Во некои случаи, ова се претставува како проблем бидејќи САД се дистанцира од своите сојузници. Но, тоа не е вистина, САД јасно ставија до знаење дека се посветени на НАТО“, рече Руте на вчерашната прес-конференција пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
Руте рече дека сојузниците разбираат дека САД имаат обврски низ целиот свет и дека е клучно Европа и Канада да сторат повеќе кога станува збор за конвенционалните сили, додека Вашингтон јасно стави до знаење дека нуклеарното одвраќање на САД останува силно.
Денешната средба во Брисел е последна министерска средба пред самитот на Алијансата, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Анкара.
Белгискиот министер за одбрана објави пред денешната средба дека ќе има сериозни дискусии за тоа како да се пополнат празнините што ги оставија САД во силите на НАТО за одговор на кризи.
фото/Depositphotos
Текстот Руте: Намалувањето на придонесот на САД во кризните сили на НАТО стапува на сила веднаш е превземен од МАКФАКС.





