Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека иранскиот врховен лидер треба да биде многу загрижен во пресрет на првите официјални преговори меѓу САД и Иран, по американските напади врз иранскaта нуклеарна програма минатата година, објави Си-Ен-Ен.
Трамп изјави дека Иран ќе се соочи со сериозни последици доколку се обиде повторно да ја активира својата нуклеарна програма, додавајќи дека Вашингтон внимателно ги следи таквите обиди. Истовремено, Иран предупреди дека ќе одговори непосредно и решително на секој евентуален напад, вклучително и со удари врз американски цели во регионот.
Преговорите меѓу двете земји се закажани за утре во Маскат, главниот град на Оман, каде што ќе учествуваат иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф. Сепак, двете страни имаат различни очекувања од разговорите.
Според американската администрација, преговорите треба да ги опфатат не само нуклеарните активности на Иран, туку и балистичките ракети, поддршката на регионални милитантни групи и односот на властите кон сопственото население. Од иранска страна, пак, се најавува дека разговорите ќе бидат ограничени на нуклеарната програма и укинувањето на санкциите.
Трамп истакна дека по американските напади арапските земји повеќе не се плашат од Иран и оцени дека уништувањето на нуклеарната програма било клучно за стабилноста на Блискиот Исток. Во меѓувреме, напнатоста во регионот продолжува да расте, со низа инциденти меѓу американските и иранските сили во Арапското Море и Ормутскиот Теснец.
Текстот САД и Иран пред нови преговори, Трамп со предупредување е превземен од МАКФАКС.






