Трагичен инцидент го потресе Хјустон, Тексас, каде што 11-годишно момче беше убиено во саботата откако тој и неговите пријатели учествуваа во навидум безопасна игра,заѕвони на ѕвонче и бегај, објавува The Guardian.
Според соопштението на локалните власти, момчето било застрелано повеќе пати додека бегало од дворот на куќа во населбата Истсајд. Полициската управа во Хјустон сè уште не го објавила идентитетот на жртвата или на осомничениот станар, но потврдила дека е уапсен маж на средна возраст и дека при претресот на неговиот дом се пронајдени неколку огнени оружја.
Момчињата играле популарна игра позната како „динг-донг“, што вклучува ѕвонење на ѕвончето и брзо бегање. Еден сведок го видел момчето како ѕвони на ѕвончето и бега од имотот непосредно пред да се слушнат истрелите.
„Сведок пријавил дека момчето бегало од куќата откако ѕвонело на ѕвончето кратко пред да биде застрелано“, се вели во полициското соопштение.
Соседите им кажаа на локалните медиуми дека виделе полиција како го придружува мажот со лисици назад до домот каде што се случила пукотницата. Детективот за убиства Мајкл Кас потврди за соработникот на CBS News, KHOU, дека сведокот видел некој да излегува од куќата и „да пука во децата што трчале по улицата“.
„За жал, едно од момчињата, кое имало 11 години, било застрелано во грб“, додаде Кас.
Ова не е прв пат шега да заврши со трагедија. Минатата година, маж од Калифорнија беше осуден за убиство откако намерно со автомобилот удрил во шест тинејџери кои му ѕвонеле на вратата, убивајќи тројца од нив, пренесува медиумот.
Исто така, во мај оваа година, маж од Вирџинија беше обвинет за убиство од втор степен затоа што пукал во тинејџер кој снимал видео на „Tик-ток“ додека го изведувал истиот предизвик на неговиот праг во 3 часот наутро.
Фото: принтскрин
Текстот САД: Маж пукал во дете затоа што му ѕвонел на интерфонот е превземен од МАКФАКС.