Министерството за правда на САД денеска ќе објави неколку стотици илјади документи од досието на Џефри Епстин, потврди заменик-државниот обвинител Тод Бланш. Сепак, најавата веднаш предизвика остри реакции, откако Бланш навести дека дел од документите нема да бидат објавени веднаш, како причина наведувајќи ја потребата од заштита на жртвите.
„Денес ќе објавиме неколку стотици илјади документи, а тие ќе бидат во различни форми – фотографии и други материјали поврзани со сите истраги за господинот Епстин“, изјави Бланш.
„Најважното нешто за кое зборуваа државната обвинителка [Пем Бонди] и директорот на ФБИ [Кеш] Пател е дека ги штитиме жртвите. Затоа го правиме следново: го прегледуваме секој поединечен документ што ќе го објавиме, осигурувајќи дека секоја жртва – нејзиното име, нејзиниот идентитет, нејзината приказна, ќе бидат заштитени“, рече Бланш.
„Очекувам да објавиме уште документи во текот на следните неколку недели. Значи, денес неколку стотици илјади, а потоа, во следните неколку недели, очекувам уште неколку стотици илјади“, додаде тој.
Одлуката да не се објават сите документи одеднаш предизвика бран критики. Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, остро го осуди планот на Министерството за правда.
„Законот што го донесе Конгресот и што го потпиша претседателот Трамп беше јасен како ден – администрацијата на Трамп имаше 30 дена да ги објави СИТЕ документи за Епстин, а не само некои“, порача Шумер во изјава.
„Неисполнувањето на тоа претставува кршење на законот. Ова само покажува дека Министерството за правда, Доналд Трамп и Пем Бонди се решени да ја сокријат вистината.“
Тој најави дека демократските сенатори соработуваат со адвокатите на жртвите за да проценат кои документи се задржуваат.
„Нема да застанеме додека целата вистина не излезе на виделина“, заклучи Шумер.
Слично реагираше и републиканскиот пратеник Томас Меси, еден од авторите на Законот за транспарентност на документите за Епстин. На социјалната мрежа „Икс“ тој објави фотографија од текстот на законот, нагласувајќи го делот што наложува објава на „сите“ документи во рок од 30 дена.
„Времето истече. Објавете ги документите“, напиша Меси.
Ден претходно тој предупреди дека адвокатите на жртвите знаат „дека постојат најмалку 20 имиња на мажи обвинети за сексуални злосторства во посед на ФБИ“.
„Ако добиеме голема објава на 19 декември и таа не содржи ниту едно име на маж обвинет за сексуално злосторство или трговија со луѓе за сексуални цели или силување или нешто слично, тогаш знаеме дека не се објавени сите документи. Толку е едноставно“, порача Меси.
Водечките демократи во комитетите за надзор и правда на Претставничкиот дом, Роберт Гарсија и Џејми Раскин, објавија заедничка изјава во која ја осудија „одлуката на администрацијата на Трамп да му пркоси на Законот за транспарентност на документите за Епстин“.
„Доналд Трамп и Министерството за правда сега го кршат федералниот закон, додека продолжуваат да ги прикриваат фактите и доказите за деценискиот, меѓународен синџир на трговија со луѓе за сексуални цели, вреден милијарди долари, поврзан со Џефри Епстин.
Со месеци Пем Бонди им ја ускратуваше транспарентноста и одговорноста што преживеаните ги бараа и ги заслужуваат и му пркосеше на судскиот налог на Комитетот за надзор. Министерството за правда сега јасно става до знаење дека има намера да му пркоси и на самиот Конгрес, дури и додека му обезбедува повластен третман на осудената соучесничка на Епстин, Гислејн Максвел“, се наведува во изјавата.
„Судовите низ целата земја повеќепати интервенираа кога оваа администрација го прекрши законот. Сега ги разгледуваме сите правни опции соочени со ова кршење на федералниот закон. Преживеаните од овие кошмари заслужуваат правда, соучесниците мора да бидат повикани на одговорност, а американскиот народ заслужува целосна транспарентност од Министерството за правда“, заклучија тие.
Текстот САД објавуваат стотици илјади документи од досието на Џефри Епстин е превземен од МАКФАКС.






