Саливан: Путин планирал воени злосторства во Украина

пред 3 години

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан синоќа изјави дека воените злосторства извршени од руските сили во Украина се дел од главниот план на рускиот претседател Владимир Путин.

„ Покрај тоа, пред да започне војната, ние ги декласифициравме разузнавачките податоци и ги презентиравме, посочувајќи дека постоел план од највисоките нивоа на руската влада да се таргетираат цивили кои се противат на инвазијата, да се предизвика насилство врз нив, да се организираат напори за нивна брутализација со цел да се обиде да го тероризира населението и да го потчини. Значи, ова е нешто што беше планирано“ изјави Саливан во емисијата „Оваа недела“ на ABC.

„Политико“ пишува дека по неодамнешното повлекување на руските сили од областа околу Киев, биле оставени масовни докази за злосторства, особено во Буча, каде биле убиени цивили, многумина со врзани раце зад грб, пронајдени низ целата област. Освен тоа, пишува весникот, Русија за време на војната гаѓала цивилни локации, со напади врз болници и места каде што се собирале бегалците.

„ Сликите што ги видовме од Буча и другите градови се трагични, ужасни. Тие се целосно шокантни, но не и изненадувачки“ изјави Саливан.

Тој истакна дека е можно некои брутални дејствија да се спонтани, посочувајќи дека руските војници – фрустрирани од лошиот тек на инвазијата – се свртеле кон украинските цивили.

„ Им беше кажано дека ќе имаат величествена победа и само ќе се возат во Киев без никакво противење, дека Украинците ќе ги пречекаат, а кога тоа не се случи, мислам дека некои од овие единици се вклучија во акти на бруталност, злосторства и воени злосторства, и без наредба одозгора. Но, да нема грешка, поголемото прашање за воените злосторства и злосторствата од големи размери во Украина лежи пред нозете на Кремљ и на рускиот претседател“, заклучи Саливан.

Share
Scroll to Top